Марк Билингем е британски актер, стенд-ап комичар и автор на крими романи, oсобено познат по серијата книги со ликот на Том Торн. Деновиве, зборувајќи на книжевен фестивал тој изјавил дека нема поента во „давањето шанса“ на здодевни книги, ниту пак во чувството на грижа на совест доколку таквата книга едноставно се батали по максимум 20 страници.
„Животот е прекраток...има толку многу добри книги“, изјавил тој, признавајќи дека се откажува од пет од секои десет книги кои ги започнува. Сепак, дури и кај него дома, мислењата на оваа тема се поделени. Неговата сопруга, дури и кога признава дека некоја книга не ѝ оди, го чувствува тоа како војна во која не смее да има повлекување.
Според статистика која ја објави сајтот Гудридс во 2013, 15,8% од луѓето се откажуваат по помалку од 50 страници; 27,9% по 50-100 страници; 7,6% на 100-тата страница; 10,6% по повеќе од 100 страници. „Ќе ја завршам па мајка Јана“ е ставот на 38,1% од читателите, меѓу кои и спомнатата г-ѓа Билингем.
Една од книгите кои Билингем никогаш не ги завршил е „Улис“, која е и една од петте најнедовршувани класици според спомнатата анкета. Кои се својствата на некоја книга што ја прават лесно „напуштлива“? Прво, треба да е тешка (барем за сфаќањето на „тешко“ на просечниот читател на белетристика), но во игра се и прагот на толеранција на „ништо не се случува“, стилот обременет со премногу описи, долги реченици без интерпункција, или наглите скокови во нарацијата што бара прилична концентрација, или враќање наназад да се види кој беше кој и што се случувало претходно.
За срамот пак од тоа да читаш книги до пола и мислењето на клиничката психологија на оваа тема види претходно тука.