Новата продукција на Кралската оперска куќа од Лондон e заснована на филмот на Гас Ван Сант од 2005, „Последните денови“, во кој главна улога има рок ѕвезда по име Блејк. Во него, индиректно, низ една мрачна фантазија се опишуваше она што наводно се случувало петте дена помеѓу излегувањето на Кобејн од институција за рехабилитација во Лос Анѓелес и неговото самоубиство во домот во Сиетл, период во текот на кој неговата сопруга, Кортни Лав морала да ангажира приватен детектив за да го лоцира.
Целата приказна има доволно „штоф“ за опера со оглед на трагичноста на главниот лик. Сепак, конкретниот филм не е баш погоден за театарска продукција, бидејќи нема вистинска линеарна нарација, а и она малку дијалог што го има е главно импровизиран. Кога авторите на операта, композиторот Оливер Лит и либретистот Мат Копсон го контактирале Гас Ван Сант за да побараат дозвола за адаптацијата, истовремено побарале копија од сценариото. Тој испратил една страница Ворд документ во кој биле болдирани со црвено само неколку зборови: тросед, документ за осигурување, „нешто друго“. Всушност им рекол да направат онака како што мислат.
Така и сториле. Блејк сега го игра женска актерка, Агата Русел, подобро позната по нејзината улога во хорор филмот „Титан“, добитник на Златна палма. Таа во филмот не пее, а не ни зборува, туку комуницира целосно со некој вид м’мкање кое гледачите ќе го разберат затоа што на сцената ќе има титл. Менаџерот на Блејк кој во филмот го играше Ким Гордон, поранешната басистка на Соник јут и пријателка на Кобејн, сега ќе го игра млад продавач на стока од Монтана, кој „пее“ односно ги изговара репликите со хипербрз и монотон глас карактеристичен за оваа професија. Кога му ја понудиле улогата тој немал слушнато за Курт Кобејн.
Авторите никогаш претходно не работеле на опера, а почнале да ја пишуваат „Последните денови“ во текот на пандемијата. Композиторот вели дека бил инспириран од филмот на Ван Сант делумно и поради звучниот дизајн кој ги нагласува најбаналните звуци - шушкањето на лисјата, крцкањето на столиците, чиј интензитет е искачен на рамниште на актерските гласови. Тоа се поклопува со неговиот интерес „да се издигнат секојдневните досадни нешта на начин кој ќе поттикне восхит“. Во неговата верзија сепак не станува збор само за засилување на звукот, туку птиците и волците пејат мелодии, а голема улога имаат и чиниите за корн-флејкс кои се неприродно гласни и музикални. На овој начин се постигнува аудио „зум“, кој од претставата прави опера.
„Последните денови“ ќе биде на репертоарот на Кралската оперска куќа во Лондон од 7-11 октомври.