Од тогаш натаму џабе ќе ни биде да им ѕиркаме по кориците - за разлика од овие на фотографиите нивните книги нема да испраќаат ама баш никаква визуелна порака за тоа што читаат.
Истовремено, насловот на проектот, „Последната книга", асоцира на прекинот во финансирањето на фото-монографии и книги од страна на холандската влада, која до 2012 била прилично расположена да ги поддржи. Сега Рајнер, како и голем број други холандски фотографи, бара други начини за финансирање, па оваа книга ќе биде објавена пролетта 2014 само доколку тој успее да собере доволно пари преку донации.
Геритсен, дури и кога тоа не е очигледно, успева да „влезе" во книгите, да дознае за која се работи, и до фотографијата да понуди кратка содржина за секоја од нив. Но тоа и не е толку важно. Важно е што сите овие документарни портрети на поединци внесени во пишаниот свет кој го држат во рацете уште еднаш ни покажуваат колку тие - книгите - се моќно средство за формирање сопствен остров среде толпата, за малку спокојство сред урбаниот хаос. Едно прашање: колку читатели на книги сте виделе по нашите паркови, улици и градски превоз? Ај, можеби кога ќе се воведе метро ќе ни тргне.