Пред педесет години споменичните места во Англија биле означени со натписи кои велеле „не го прави ова“, „не го прави она“, „опасност од одрони!“, „држете си ги децата под контрола“ итн.
Сега ознаките ќе се освежуваат, но одговорните за проектот велат дека новите ќе бидат малку покреативни и не толку заканувачки. На пример, наместо „Внимавајте на отворени средовековни канали“, посетителите ќе се соочат со знак кој вели „Внимавајте, овој поглед може долго да го паметите“.
Идејата е посетителите да ги истражуваат местата со вклучени сетила. На пример кога го слушаат крцкањето на чакалот под нозете кај Даун Хаус, кадешто се наоѓа куќата и музејот на Чарлс Дарвин, тоа е истиот звук кој тој самиот го слушал во текот на своите дневни „мислечки“ прошетки. Или пак дувањето на ветерот на вашето лице на Адријановиот ѕид, исто онака како што тоа би го почувствувал еден римски војник пред 2000 години.
„Знаците се охрабрување луѓето да застанат за момент. Зошто да не ги соблечеш чевлите, да ја почувствуваш тревата под нозе? Слушни ги звуците на птиците. Помирисај ја викторијанската градина околу тебе. Потруди се да ги евоцираш истите искуства на некои од луѓето кои биле тука во минатото и кои и тие би ги имале“, вели Саманта Стоунс, куратор oд невладината организација Ингилиш херитиџ.
Покрај знаците, организацијата на својот сајт има создадено листа „50 начини за истражување на вашите сетила“. Таа меѓу другото вклучува: мирисање животни на некои од локациите, како магариња, прасиња или коњи; слушање на звуци на вода во градините; вкусување на домашни производи од нив како и гледање низ истите прозорци и на истите пејзажи како и Војводата од Велингтон или Чарлс Дарвин.