Помалку познатиот талент на Ханс Кристијан Андерсен - сецкање хартија

Најпознат по бајките за деца, данскиот писател бил вешт и со ножицата - изработувал силуети од хартија. Сега дел од нив за прв пат се претставени на изложба во Бремен.

„Сечењето хартија е предигра на пишувањето“, напишал Ханс Кристијан Андерсен во писмо од јули 1867. Оваа вештина била популарно хоби во негово време. Но силуетите на Андерсен биле малку поинакви - со митолошка позадина и не (само) декоративни. Еден од ликовите на пример е Оле Лукојес, митско суштество кое ги успива децата, прикажан како држи убаво насликан чадор над главите на добрите деца.

Силуетите на Андерсен му биле исто така хоби, но ним им посветувал голем дел од времето и енергијата. Сочувани се над 400 од неговите изработки, иако се претпоставува дека нивниот број е многу поголем, не само затоа што хартијата од кои се направени е многу чувствителна, ами и затоа што самите силуети не биле правени за да траат вечно.

 

 

Нова изложба во Бремен, „Ханс Кристијан Андерсен: поет со перо и ножици“ прикажува четириесетина од овие дела, кои авторот ги изработувал како дополнување на приказните или како подароци направени на лице место на разните забави на кои бил покануван - негов талент кој до сега ретко бил спомнуван во биографиите.

Се вели дека Енди Ворхол, кој како мал бил задоен од приказните на Андерсен, бил воодушевен кога ги открил и неговите хартиени изработки. Во 1987, само неколку месеци пред смртта, тој креирал мала серија поврзана со визуелната уметност на Андерсен, која вклучувала портрет на Данецот и три негови силуети во типичен ворхоловски стил.

Изложбата „Ханс Кристијан Андерсен - поет со перо и ножици“ се отвори на 20 октомври 2018, а ќе трае до 24 февруари 2019 во Кунстхале Бремен.

22 октомври 2018 - 08:44