„Клетва“, во режија на и претходно контроверзниот хрватски режисер Оливер Фрљиќ, игра на репертоарот на театарот Повшехни во Варшава. Претставата ја истражува врската помеѓу полската католичка црква и државата, и ја критикува власта заради тоа што не реагира соодветно на обвинувањата за злоупотреба на деца помеѓу свештенството.
Во најекстремната сцена, еден актер симулира орален секс со пластична фигура на покојниот полски папа Јован Павле Втори, а на знакот пишува: „Бранител на педофилите“. Во друга, актерка размислува за легалноста на фиктивен говор, со кој таа би собрала пари за да го плати убиството на Јарослав Качински, водачот на полската владеачка партија Правда и праведност.
Претставата е распродадена од премиерата во февруари, но многу брзо по првата изведба обвинителството објави дека за неа се води истрага. Конзервативната активистичка група Ордо Јурис, која ги промовираше предлозите за целосна забрана на абортусот заради кои се одржуваа големите протести минатата година, ја опиша претставата како „говор на омраза“, и тоа специфично насочен против католиците.
Од друга страна, продуцентите на „Клетва“ ги обвинуваат полските државно контролирани медиуми за намерно потхранување на јавниот гнев, кој доведе до вжештени протести и смртни закани упатени кон актерите и вработените во театарот. Тие тврдат дека радиодифузерот ТВП ја снимил претставата без дозвола, и објавил извадоци намерно извадени од контекст, за да изгледа дека целата претстава е смртна закана кон Качински и навреда кон верниците.
Директорот на театарот, Павел Лисак, вели дека претставата се однесува на тоа како црквата ја користи идеологијата: „Таа не се однесува на Бог, ниту на какви и да е верски убедувања, не е за Исус, не е за Богородица. Таа е за институциите и опресијата која тие ја вршат“.
„Клетва“ е адаптација на 19-вековна драма со истото име од полскиот полимат Станислав Виспијански. Напишана во 1899, таа се одвива во село во јужна Полска, кое за големата суша која владее го обвинува селскиот свештеник и неговата наводна сексуална врска со локална девојка. Во напад на хистерија, толпата сепак не се свртува против свештеникот, туку против девојката, каменувајќи ја до смрт.
Што се однесува до режисерот Фрљиќ, тој вели дека реакцијата на власта едноставно ја докажува поентата на претставата: „Не е работата во она што се случува на сцената, туку во она што се случува во поширокиот општествен котекст. Би било одлично ако и оние кои протестираат разберат дека и тие се дел од претставата“.
Но слично како што по контровезната изведба на „Јулие Цезар“ во Централ парк овој месец, во која има сцена на убиство на Трамп, корпоративните спонзори како Бенк оф Америка и Делта ги повлекоа своите донации за претставата, поттикнат од скандалот со „Клетва“ полскиот министер за култура ги повлече парите наменети за театарскиот фестивал во Познањ, кој се одржа од 16-25 јуни, само затоа што Фрљиќ беше помеѓу селекторите. Сепак, повеќе од 70.000 евра колку што изнесуваше државната поддршка се собрани преку донации на поединци и уметнички организации.
Дали претставата на Фрљиќ е сепак само пренадуен елитистички балон, и дали тој, како што вели еден наш пријател од лице место, е „театарски Бреговиќ за ѓоа либерални а богати“, во моментов од чисто практична гледна точка и не е толку важно. „Клетва“ можат да ја гледаат најмногу 120 души по изведба, а карти нема ни за лек. Кој знае уште колку претстави со убиства на политичари се веќе во подготовка, надевајќи се на сличен успех.