Она што го понудил Френсис Форд Копола со „Кум“ oд 1972 било нешто до тогаш невидено - американски гангстер кој се смее, плаче, си го сака семејството, но ако се налути, не се мисли два пати дали да ти стави коњска глава в кревет.
Направен врз основа на истоименото дело на Марио Пузо, „Кум“ е еднодецениска хроника (1945-1955) на семејството Корлеоне на чело со патријархот Вито. Со оглед на тоа што романот на Пузо помина 67 последователни недели на бестселер листата на Њујорк Тајмс, филмот уште на почетокот ветуваше успех. И авторот на книгата (истовремено и ко-сценарист), и Копола, го сакале Марлон Брандо за главната улога. Но студиото Paramount Pictures се противело на оваа идеја. Брандо имал репутација на табиетлија, ова можело да значи одложување на снимањето, а на крајот на 1960-тите, откако имал неколку неуспешни филмови, тој повеќе изгледал како „лузер“ отколку како идна културна икона. Соочувајќи се со долгови и ниска самодоверба, тој се согласил да се појави на аудиција, да работи без да биде платен однапред и да му компензира на студиото доколку биде виновен за некакви одложувања или доцнења.
Во текот на аудицијата пред камера, Брандо бил брилијантен. Тогаш имал четириесет и нешто, а играл 20 години постар маж. Се подготвил со тоа што го одврзал своето русо коњско опавче, и употребил боја за чевли за да си ја зацрни косата и за да ја зачешла наназад. Во устата си ставил парче хартија, и зборувал со тивок и несигурен глас, бидејќи биографијата на ликот вклучувал инцидент во кој тој бил погоден со куршум во грлото. Среде тестот тој дури одговорил и на телефонски повик, останувајќи во ликот. Во Парамаунт биле убедени - Брандо ја добил улогата на мафијашот дон Вито Корлеоне.
Тој во текот на снимањето знаел и малку да се занесе и да го промени сценариото. Во сцена во која е со пејачот Ал Мартино, чија улога наводно била базирана на Френк Синатра, сценариото предвидувало Дон Корелеоне да го трола поради неговата нерешителност. Но Брандо направил нешто повеќе отколку само зборување - му удрил шамар, нешто што Мартино воопшто не го очекувал.
На крај Брандо добил хонорар од 250.000 долари и процент од профитот, кој наводно изнесувал околу 2 милиони долари.
И покрај мрачната и сурова аура, филмот иницираше серија мафијашки филмови и серии (Сопранови, Добри момци, Скарфејс), а репликата „Ќе му понудам нешто што не може да одбие“ е прогласен за втор најзначаен филмски цитат во историјата, по „Искрено, драги, ич не ми е гајле“ од „Однесено со виорот“. И по педесет години филмот зборува на теми кои се препознатливи и универзални, како злоупотребата на моќ или традицијата наспроти модерноста.
„Кум“ беше прогласен за најдобар филм на доделувањето на Оскарите во 1973, а Брандо доби и Златен Глобус и Оскар, победувајќи конкуренти како сер Лоренс Оливие. Глобусот веднаш го одби, а за Оскарот ја испрати домородната актерка Сачин Литлфедр која ја одби наградата во негово име и го осуди стереотипното прикажување на северно-американските Индијанци во холивудските филмови. Кум 2 излезе во 1974 и стана прво продолжение кое доби Оскар. Кум 3 излезе во 1990, но не доживеа толку голема слава.