„Дедкетинг“-от или мртвомачкосувањето му се припишува на Австралиецот Линтон Крозби, политички советник на поранешниот британски премиер Борис Џонсон. Во текот на својот мандат на градоначалник на Лондон, Џонсон ја спомнал во колумна за Телеграф од 3 март 2013, во која стратегијата е опишана на следниов начин:
„Да претпоставиме дека губите во некаква дебата или дискусија. Фактите се против вас, и колку што повеќе луѓето се фокусираат на реалноста, толку полошо за вас и вашиот случај. Решението е да изведете маневар кој еден одличен раководител на кампањи [се мисли на Кросби] го опишува како 'фрли мртва мачка на масата'. Целта на овој потег е шокирање на присутните, за тие да почнат да зборуваат за метафоричната мртва мачка, она за што ВИЕ всушност сакате да зборуваат, а не за она што било претходна тема на разговорот.“
Oд тогаш наваму терминот „стратегија/тактика на мртвата мачка“ се припишува на голем број политичари, секако во негативен клуч. Така, колумнистка на Вашингтон пост во 2017 за истото го обвинува Доналд Трамп кој тогаш стапи на позицијата претседател на САД. „Одвлекувањето внимание долго време е начин на работа на Трамп. Тој доминира во медиумите со пренапумпани изјави, и со тоа на своите противкандидати им ја одзема можноста и тие да се промовираат...Тој постојано ја користи стратегијата на 'мртвата мачка' - фрли мртва мачка на масата и секаков претходен разговор за каква и друга тема запира во моментот“.
Притоа, „мртвата“ мачка не мора да значи дека одвлекувањето на вниманието се врши исклучиво со негативни и трагични вести. Исмевањето и сеирот исто така добро функционираат во таа смисла, бидејќи повладуваат на човечките нагони. Оттаму, доколку се почувствува дека некој се служи со ваква тактика, најдобрата анти-тактика, велат, е истото просто да се игнорира и да се продолжи со туркање на првичната агенда.
PS. Мачката на фотографијата не е мртва.