„Полека се идигнавме...како веќе да не му припаѓавме на надворешниот свет...како пливачи во сенишен сон на кои не им е потребно да дишат“.
Ова е текстуалниот дел од сликата на Лихтенштајн нанесена на скалилата на музејот Албертина, преку кои посетителот на изложбата посветена на 100-годишнината од неговото раѓање буквално се издигнува над истоимениот плоштад во срцето на Виена.
Духовното издигнување со влез во една ваква институција би било соодветна метафора, да не е поставката посветена на човек кој со иронија гледал на хиерархиската поставеност на „ниска“ и „висока уметност“, а својата инспирација ја црпел од стриповите, рекламите и холивудската кинематографија од своето време.
На генерален план, поставката е многу „чиста“ - слики и до нив кратки легенди кои ги сместуваат во конкретен момент од биографијата на нивниот автор, но и го поврзуваат со негови претходници, современици или со поширокиот општествен контекст.
Ваквиот музеолошки пристап е во остар контраст со доминантите мултимедијални, пренапрегнати, исцрпувачки изложби со прекумерно користење на технички помагала (добар пример за тоа се постојаните поставки во Технолошко-научниот музеј во Виена), од каде излегувате со чувство дека само сте ја загребале површината на одредена тема и сте поглупави отколку кога сте влегле. Кога ќе излезете од Албертина чувството е обратно - со минимални средства сте станале поинформирани и збогатени.
Нека ни е простено на сентименталноста, бидејќи е во линија на Лихтенштајновиот стил - тој игра со ваквите чувства кои не без доза на хумор ги прогласува за исто толку егзистенцијални колку и „Вресокот“ на Мунк или приказите на воените ужаси на Пикасо. Слаткиот кич и неговата препознатлива иконографија така станува канал за соопштување повисоки вистини, за оние кои можат да ги прочитаат не помеѓу редови, туку помеѓу точки и замави со четка. „Што е поп арт?“ - прашува Лихтенштајн. „Тоа е употреба на комерцијална уметност како тема на сликите. Ми беше тешко да најдам таква која ми е доволно одбивна за да ги опишам најбесрамните и заканувачки црти на нашата култура: нешта кои ги отфрламе, но кои се сепак премоќни, како рекламните знаци или стриповите“.
Поставката содржи над 90 слики, скулптури и графики, собрани од меѓународни институции и збирки, вклучително њујоршкиот МоМА, Националната галерија на уметност во Вашингтон, Музеи од Стокхолм, Мадрид и приватни колекции. Oд ѕидовите ве гледаат занесните русокоси, јаките мускулести мажи и Бен-деј точките (именувани според илустраторот Бенџамин Хенри Деј кој ја измислил техниката во 1879), сите во големи формати, со многу необичен начин на кропирање, кој наместо да ги нагласува субјектите всушност ја разоткрива позадината.
Јасно се издвоени и различните фази, на пример онаа од средината на 1960-тите која траела цела деценија, кога Лихтенјштан почнал да парафразира познати стилови од историјата на уметноста, или во смисла на присутност на препознатлив симбол (на пример брановите на Хокусаи во „Девојката што тоне“) или на композиција и техника (како неговата реинтерпретација на надреалистите). Ова, како и користењето на постоечки мотиви од стриповската уметност (поставката вклучува негови тетратки со исечоци од тогаш популарни изданија) му донеле критики за „апропријација“, со други зборови за плагијаторство. На овој начин тој станал „пионер“ на присвојувањето, вградувајќи се во постмодернизмот (иако никогаш експлицитно не се идентификувал со него).
Најубавата слика на изложбата сепак не содржи ниту Мики Мауси, ниту русокоси, ниту мажи со квадратеста вилица. За нас тоа е „Врвови на дрвја низ магла“ од 1996, која нема да ја најдете во галериската продавница ниту на маица, ниту на постер или салфетка. Додека Лихтенштајн ги исмевал клишеата на западната уметност, тој создал неверојатно сензитивни претстави на „ништото“ и на отсуството, на тој начин поврзувајќи се со зен филозофијата, за која сметал дека е површно претставена и преземена во западниот свет. Тука точкестите решетки се разретчени, како и воздухот во висините, хоризонтот на очекувањата е минимален, а само разнобојните врвови на дрвјата потсетуваат дека има свет под облаците.
Илина, Букбокс