Смртта на Рајх-Раницки на 93 години ја објави Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, каде тој работеше како уредник за книжевност повеќе од 15 години. Автор на речиси 50 книги, вклучувајќи дела посветени на Томас Ман, Гете, Гинтер Грас и Бертолд Брехт, тој сепак беше најпознат како бескомпромисен книжевен критичар, заработувајќи го на тој начин прекарот Literaturpapst или „Папа на книжевноста". Со написите во весниците, како и преку неговата телевизиска емисија „Книжевен квартет" на германската ZDF, тој си заработи голем број непријатели помеѓу издавачите и писателите, но на тоа мирно коментираше: „Не сум сретнал автор кој не е суетен и егоцентричен - освен ако не ги сметате крајно лошите автори".
Неговите осврти никогаш не биле напишани со академски јазик кој би можел да збуни или да прикрие - напротив, тие директно го изразувале неговото мислење, не оставајќи му на читателот простор да се сомнева дали книгата чини или не. Неговиот карактер и дела биле инспирација и за фиктивни ликови, како оној во книгата на Питер Хандке, „Дневникот на еден полжав", но и појавувајќи се во романот на Мартин Валсер од 2002, „Смртта на еден критичар", во кој се опишува како еден писател се обидува да ја докаже сопствената невиност по убиството на книжевен критичар. Франкфуртер одби да објави извадоци од книгата, обвинувајќи го Валсер за антисемитизам и гнев насочен кон Рајх-Раницки.
Гнев почувствувале и други писатели, како Гинтер Грас, кој не само што од Раницки добил лоша критика за романот „Ein weites Feld" од 1995, туку и илустрација на текстот со фотографија од критичарот како ја „кине“ неговата книга.
Во сочувството до семејството на Ангела Меркел се вели дека тоа што овој син на германско-полски Евреи, роден во Вроцлав, кој го загубил семејството во нацистичките логори, повторно го нашол својот дом во Германија, и на оваа земја ѝ дал толку многу, е еден од повоените настани за кои Германците треба да бидат благодарни.