Антоан „Фетс“ домино, веселиот забавувач од Њу Орлеанс, почина на 89 години во Луизијана, по долга и богата кариера. Негови најпознати хитови беа Blueberry Hill, Ain't That a Shame и I'm Walkin'.
Домино доминирал со топ листите од 1955 до 1963, а од него поуспешен бил само „кралот на рокенролот“, Елвис. Неговите специфични пијано „триоли“ (како што ни објаснија, кога наместо на два еднакви делови нотата се дели на три) станаа основа за рок и поп баладите во следните децении. За разлика од колегите како Џери Ли Луис или Литл Ричард, тој не бил некој голем бунтовник на сцената - со мек глас, секогаш широка насмевка но и крупен стас, бил познат по тоа што на бис успевал да го помести пијаното поблиску до публиката.
„Тој имаше природен талент“, вели историчарот на ритам и блузот, Џон Бровен. „Сепак, не му беше јасно зошто е познат, што само го зголемуваше неговиот шарм и привлечност. Неговите најголеми хитови го направи рокенролот прифатлив за сите возрасни групи и раси. А тоа го постигна без да ги компромитира неговите корени од Њу Орлеанс“.
И не само градот, туку и неговото семејство било познато по музиката. Бил најмало од осум деца во билингвална креолска фамилија, а неговиот татко свирел виолина. Прв пат формирал бенд во 1947, додека преку ден работел во фабрика за федери за душеци. Прв хит имал во 1955 со Ain't That a Shame, кој за малку ќе бил засенет од кавер верзијата на Пет Бун. Продуцентите морале да го отргнат Бун од менувањето на рефренот во граматички коректното isn't that a shame, само за да ја задржат препознатливоста.
Славата стекната со следните хитови го донела до Лас Вeгас каде настапувал со години. Но проблемот бил што истовремено се коцкал - при неговиот прв ангажман во овој град загубил 180.000 долари за две недели, додека хонорарот му бил 6.500 долари неделно. „Заминав да свирам во Фламинго на две недели, а останав 15 години“, изјавил тој.
Неговата „Блу Мандеј“ била инспирација за „Лејди Мадона“ на Пол Макартни, кој во интервјуа често го спомнувал влијанието на Домино врз музиката на Битлси. Воведен е во Рокенрол халата на славните при првата година на воспоставувањето на оваа „институција“ од страна на Били Џоел. Добитник е на Греми за животно дело, како и Националниот орден за уметност од претседателот Бил Клинтон.
Аin't that a shame...
Блубери хил: