Директорите на Париската опера во 19 век не сакале да го препуштат успехот на своите изведби на каприцот на непредвидливата публика. За да се гарантира дека аплаузи ќе има, и дека тие ќе бидат доволно гласни и заразни, тие ангажирале професионални ракоплескачи познати како „клак“ (claque). „Клакерите“ обично седеле раштркани низ публиката, за да делуваат како обични гледачи.
Нивниот лидер бил Огист Левасер, чии следбеници го споредувале со сјаен воен тактичар. Речиси и да живеел во Операта, бил голем како Херкул, и со оглед на тоа што имал маркантна појава и големи дланки, бил „роден ракоплескач“. Другите клакери за време на претставите ги фиксирале очите на него, а тој пак се однесувал како втор диригент - целата претстава на аплаудирање се одвивала според негови упатства.
Како надомест за својот ангажман Левасер добивал одреден број бесплатни карти, кој често ги продавал или ги заменувал за нечие учество во аплаудирачката дружина. Тој понекогаш се консултирал со режисерот и со директорот околу тоа во кои моменти е потребно да се аплаудира за да се подгрее атмосферата.
Но клакерите знаеле да бидат и каприциозни, па кога мајката на позната танчерка, мадмазел Дуверне, рекла дека не сака на претставите на нејзината ќерка да бидат ангажирани ракоплескачи бидејќи „нејзиниот талент нема потреба од заштита“, клакерите добиле наредба да не плеснат ниту еднаш. Очекувајќи ја вообичаената лавина од „браво“, балерината останала да стои збунето откако по нејзина тешка пируета во салата не се слушнал ни глас, а камоли аплауз. Пораката била јасна - без клакери публиката како да не знаела кога да аплаудира.
Некои актери и уметници многу добро ја разбирале важноста на „клакерите“ па и самите приватно им плаќале. За публиката која немала развиено посебен музички вкус, ниту пак биле образувани да разликуваат добра од лоша изведба, нечии туѓи аплаузи и барања за бис биле доволна потврда за квалитетот на претставата. Плус, ако сите стојат на нога и ракоплескаат, кој си ти да се противиш?