Минаа 25 години од објавувањето на „Поздрав од земјата Сафари" на Забрането пушење. Една од песните заради кои тој албум влезе во антологијата на екс-ју рокенролот е и „Пишоња и Жуга", за двајцата малку смотани, но крајно симпатични средношколци од различни националности, кои во предвоено Сараево чекорат по трнливиот пат на созревањето. Сиквелот на оваа песна, „Пишоња и Жуга во пеколот на дрогата", се најде на албумот „Мали приказни за големата љубов" од 1988.
Слично како во песните, и во претставата двајцата пријатели, во атмосфера на почеток на распад на нивната земја, залудно се обидуваат да избегаат во утопискиот амбиент на морското крајбрежје. Авторот на песната Сејо Сексон, кој присуствувал на премиерата, изјавил дека му делува неверојатно тоа што сцените од неговиот двор, од скромното сараевско маало, сега стануваат дел од репертоарот на престижното Атеље 212.„За мене тоа е огромен комплимент. Ја гледам тука сликата на Бата Стојковиќ и се чувствувам како во театарски храм", изјавил тој.
„И додека Пишоња го внесуваа во итна, тој ја здогледа месечината над себе и рече 'Боже, како некои можат горе, а јас и Жуга ни на море'" - стиховиве звучат како зла судба на една цела генерација Пишоњи и Жуги, кои сега можеа да бидат средовечни, и сеуште да прават будали од себе после 'шесте пиве'.