По 35 години, Иг Нобеловите награди се селат од САД

Церемонијата на доделување на сатиричните (но многу поинтересни) Нобелови награди, што се одржа во Бостон во септември 2025, беше последна на американско тло. Оваа година настанот ќе се одржи во Цирих, Швајцарија, што може да означи и подолгорочна промена. Или што би рекол наш другар од преку океанот: „Дојде и тоа, заебанциите да избегаат на неутрална територија“.

Основачот и водител на Иг Нобеловите награди (за кои редовно известуваме низ годините), Марк Абрахамс, вели дека за селењето на манифестацијата од САД во Европа размислувал подолго време. Причините биле нестабилните финансии и потребата да се прошири организацискиот тим. Но во текот на изминатата година, како што објаснува, ситуацијата во САД станала толку непредвидлива што идејата за преселба добила конкретна и итна форма.

ИГ Нобеловите награди се наменети да ги наградат научните истражувања што најпрво ги тераат луѓето да се насмеат, а потоа да размислат. Победниците доаѓаат од различни земји, а често и целите тимови се меѓународни. Во 2025 година, членови на четири од десетте наградени тимови одбиле да патуваат во САД за церемонијата, наведувајќи војни, ограничувања за визи и загриженост околу имиграциските и граничните политики.

Според Абрахамс, постоела можност истото да се повтори и оваа година, но ситуацијата во меѓувреме дополнително се влошила. САД започнале воени напади врз Иран, а патниците од странство сè почесто се задржуваат на дополнителни проверки или се враќаат од границата. Во соопштение за јавноста, тој истакнува дека организаторите не можат, со чиста совест, да бараат од меѓународните добитници и новинари да патуваат во САД.

Еден од минатогодишните добитници, тропскиот еколог Лука Луизели од Институтот за развојна екологија, конзервација и соработка во Рим, ја поддржува одлуката. Тој ја доби наградата во 2025 година за истражување што покажало дека африканските виножитни гуштери претпочитаат пица со четири вида сирење. Луизели не присуствувал на церемонијата минатата година, делумно поради обврски, но и поради страв дека би можел да биде задржан на граница поради објави на социјалните мрежи во кои го критикувал претседателот Доналд Трамп. Според него, во овој момент е ризично Европеец да патува во САД ако не се согласува со политиките на Трамп.

По церемонијата во 2025 година, Абрахамс стапил во контакт со швајцарски универзитети со кои и претходно разговарал за можност за соработка. Универзитетите во Цирих покажале интерес да бидат домаќини, а организаторите на ИГ Нобеловите награди биле подготвени за нова локација. Дополнителна причина било тоа што Швајцарците понудиле институционална и финансиска поддршка. Во САД, пак, финансирањето главно доаѓало од продажба на билети, додека Ем-ај-ти, Универзитетот Харвард и Универзитетот во Бостон обезбедувале само простор за одржување. Абрахамс се надева дека во иднина церемонијата ќе се одржува во различен европски град секоја втора година.

Преселбата во Европа има и практична предност: близината. Иако и во Европа постојат одредени визни ограничувања, патувањето до Цирих е многу полесно за добитниците од источната хемисфера отколку патувањето до Бостон. Во меѓувреме, некои од најверните американски следбеници на настанот веќе најавиле дека ќе патуваат во Цирих за да присуствуваат. За оние кои нема да можат да патуваат во Европа, Универзитетот во Бостон планира да организира посебен настан неколку недели по церемонијата. На него ќе учествуваат нови и поранешни добитници, нобеловци и ќе се одржи традиционалното фрлање хартиени авиони.

Абрахамс не ја исклучува можноста церемонијата еден ден повторно да се врати во САД. Сепак, според него, ако сегашната ситуација продолжи, малку е веројатно тоа да се случи во следните неколку години.

17 март 2026 - 14:09