Ден Малори, кој пишува под псевдонимот А. Џ. Фин, минатата година стана автор на бестселер кога неговиот дебитантски трилер, „Жена на прозорецот“ се искачи на врвот на топ листите. Правата за приказната набргу беа откупени од Фокс 2000, а филмот со Гери Олдман и Ејми Адамс во главната улога треба да се појави до крајот на оваа година.
Но приказните за приватниот живот на авторот испаднаа многу покреативни од неговиот во основа веќе виден книжевно-филмски заплет, за жена која се плаши да го напушти домот и од прозорецот си ги шпионира комшиите. Њујоркер објави неверојатен преглед на лагите и измамите кои ги има направено Малори, преку кои со години пред објавувањето на неговиот прв роман ја злоупотребувал издавачката индустрија и колегите кои му верувале.
Со оглед на должината на оригиналниот текст, еве сумарно неколку од најлудите откритија.
Ден лажел дека мајка му и брат у се умрени
Кога аплицирал во престижниот Њу колиџ во Оксфорд во пристапниот есеј напишал дека мајка му умрела од рак, а дека исто така се грижел и за починатиот брат. Иако госпоѓа Малори навистина имала рак кога Ден бил тинејџер, таа е жива и здрава. А исто така и брат му Џејк.
Велел дека имал операција на мозок
И не само тоа, туку податоците за својата здравствена состојба на колегите им ги испраќал преправајќи се дека е брат му Џејк, кој ги известувал за сите тие тешки операции на туморот и за заздравувањето. Начинот на кој Ден му се „заблагодарил“ на брат му за оваа фиктивна услуга е што на пријател му кажал дека тој извршил самоубиство. Не еднаш, два пати го умрел.
Се преправал дека е Британец иако е пораснат во САД
Зборувал со британски акцент и употребувал „брилијант“ и „блади“ а ВЦ-то го викал „лу“. Звучел многу чудно ама пријателите му простувале мислејќи дека му е некаков каприц.
Мамел дека има докторирано, на тема поврзана со Патриша Хајсмит и нејзините книги за Том Рипли додека бил на Оксфорд
Всушност никогаш не докторирал, ниту пак објавил некаков стручен текст на оваа тема.
Лажел на апликации за работа
Бил најмен од издавачка куќа во Лондон откако изјавил дека работел како уредник кај издавачот Балантајн. Исто така тврдел дека е двоен доктор, односно дека има два доктората, и од Оксфорд и од САД.
После сето ова, можеби неговите лаги и не биле толку големи - докторската „теза“ можеби било самото негово однесување, идентично со она на талентираниот г-дин Рипли, измамникот од книгата на Хајсмит (и филмот со Мет Дејмон во главната улога).