На навидум обичен ден, 14 април 1955, во ресторанот на најелегантниот хотел во Сантијаго де Чиле, „Кријон“, се случува убиство од страст: жена по име Марија Каролина Гил пука пет пати во својот долгогодишен љубовник, Роберто, со елегантен белгиски револвер калибар 6.35.
Вистинскиот мотив никогаш не е утврден - Роберто навистина бил женет претходно, но ја напуштил сопругата и неколку пати ја побарал раката на Марија, но таа секогаш одговарала дека сака да живее независен живот. Според една верзија, тој во меѓувреме сретнал некоја поранешна љубов со која сакал да се ожени, што довело до убиството. Сведоци на настанот изјавиле дека Гил откако ги испукала куршумите клекнала крај мртвото тело на љубовникот и му ја пиела крвта - слика на „вампир“ и крвожедно чудовиште кое потоа циркулирала по медиумите.
Гил е всушност псевдоним на Георгина Елена Силва Хименез, тогаш веќе позната чилеанска писателка и критичарка, сметана за контроверзна поради нејзиниот смел наративен стил, но и поради нејзиното импулсивно однесување кое наводно се должело на состојба наречена хиперестезија, абнормална чувствителност на дразби, на пример на звуци или на допир.
Но интересно е што овој случај не бил прв од ваков вид во Чиле кој вклучувал позната авторка. Една друга, Марија Луиза Бомбал исто така го убила со истрели од пиштол својот љубовник во 1941, ВО ИСТИОТ ХОТЕЛ. Претпоставката е дека Гил не го извршила убиството во афект, туку практично го реконструирала така за да биде идентично на она што веќе било извршено од нејзината колешка.
Нов чилеански филм достапен на Нетфликс, под наслов „На нејзино место“, ја раскажува оваа приказна, но само како позадина за една друга, измислена. Судската службеничка Мерцедес, задолжена за предметот, уште од првиот момент кога ја гледа Марија како го напушта местото на злосторството станува опседната со неа. По налог на судијата оди во станот на убиецот за да ги собере личните предмети, во дом каков што до тогаш никогаш не видела. Нејзиниот, што го дели со сопругот и двајца синови-тинејџери е тесен, задушен. Во него таа е истовремено сопруга, мајка, домаќинка и помошник во фотографско студио, но за ништо од тоа не добива вистинско признание. Влегувајќи во станот на Марија, таа открива сосема поинаков свет: луксузен ентериер, елегантна облека, накит и шминка, но и најважното — живот на жена која не мора да го дели просторот со никого. Прво пробува малку парфем, потоа кармин, а на крај ги задржува клучевите од станот, истовремено влијаејќи на судијата да изрече повисока казна (за Марија што подолго да не се врати). Постепено почнува да го присвојува тој простор, пронаоѓајќи во него мир и тишина какви што нема во сопствениот дом.
Вистинската Каролина Гил била осудена на три години затвор, но по 534 денови била помилувана од претседателот на Чиле, Карлос Ибанез дел Кампопо интервенција на нобеловката Габриела Мистрал (која тогаш била конзул на Чиле во Њујорк). Со тоа и „двојниот“ живот на Мерцедес во филмот завршува.
Реалната Гил по излегувањето од затворот се иселила подалеку од градот и продолжила да пишува. Својата последна книга ја објавила во 1961, а потоа била дијагностицирана со деменција и Алцхајмер. Починала на 82 години.