Од своето раѓање во 1899, до смртта во 1961, Ернест Хемингвеј имал речиси исто толку средби со смртта колку што ги имале ликовите во неговите книжевни дела. Еве што сè преживеал:
1. Бил разнесен од австриска граната
Во текот на Првата светска војна, Хемингвеј служел на италијанскиот фронт како возач на амбулантно возило на Црвениот крст. На 8 јули 1918 бил толку тешко ранет што почувствувал како животот да му се лизга низ телото, „како кога извлекувате свилено шамивче со крајчето од џепот“. Според негов есап од него биле извадени 237 парчиња шрапнел, а добил алуминиумско колено и два италијански ордени.
2. Застрелан додека се борел со ајкула
Во број на „Есквајер“ од 1935, под наслов „Повторно застрелан“, Хемингвеј дели совети како е најдобро да се убие големо животно: да се пука во мозокот ако е блиску, во срцето ако е далеку или во ’рбетот ако треба веднаш да се сопре. За ова бил инспириран откако самиот се застрелал во бутините на обете нозе додека се обидувал да се избори со ајкула на рибарење близу Ки Вест.
3. Ловење германски подморници од неговиот рибарски брод.
Во текот на 1942 и 1943 Хемингвеј поминал помалку време пишувајќи отколку пловејќи на својот дрвен рибарски брод, вооружен со гранати и машинки, набљудувајќи ја Голфската струја за да начека германски подморници. Знаел дека дури и да забележи непријателско пловило тешко дека морнарицата би можела доволно брзо да реагира. Планот можел да го смисли само тој: да нападне каква и да е подморница - одеднаш и неочекувано - и потоа да фати магла. За среќа никогаш немал прилика да го оствари, затоа што сигурно би го платил со глава.
4 и 5. Соборен со авион - два пати во два дена
Додека бил на африканско сафари во 1954, Хемингвеј преживеал две авионски несреќи во два дена. Во првата, Цесна со еден мотор која го превезувала него и сопругата паднала кога пилотот се обидел итно да слета и да одбегне јато ибиси. Морал да бира меѓу мочуриште со шест крокодили или слоновска патека низ густеж и го одбрал второто, па триото ја поминало ноќта во џунглата опколено со слонови. Следниот ден Хемингвееви се качиле на друг мал авион кој почнал да паѓа откако се самозапалил. Обајцата биле сериозно повредени, иако не толку за голем број весници да ја објават нивната смрт.