Облечена во бела униформа и опремена со розов пластичен стетоскоп, Дебора Алма патува низ Британија со нејзиното возило од седумдесетите купено на е-bay, и им помага на ранливите категории население - оние кои имаат мака која не се лечи со стандардните медицински методи.
Возилото го паркира на некое јавно место, луѓето влегуваат, зборуваат со неа, и за 10 минути добиваат бесплатен совет во форма на песна или стих, лекови кои таа ги нарекува песноцетамоли.
Во ова клипче на Би-би-си таа го објаснува процесот, а ние гледаме - колку на луѓето им е потребен момент на спокој и човечки муабет, па макар тоа било и во лажно амбулантно возило.
Во прилог вашиот денешен песноцетамол, кој се пие со чај - песна од Петар Т. Бошковски, или сопругот на баба Рада, кој лечеше и со стих и со збор.
НЕБЕСЕН КАМЕН
Беше се нурнал во мојата нива
како во мајкина пазува
каменот што избегал
од синџирот на ѕвездите.
Опасните преживелици
на долгото скитање
го измазниле до крајна мера,
го свеле на неговото јадро.
Од големата усвитеност
му останала уште црвената боја.
сега мирно го слуша
своето кружно движење внатре:
Никогаш толку загрозен не бил
колку што е во моиве раце;
што не му можела вселената
му можам јас.
Би можел со чекан да го столчам,
во прав да го претворам;
со леб да го макам
ко лек за вртоглавица.
Би можел
ама не сакам
поради онаа голема сличност
однадвор што нè поврзува.
Таа се сведува на едно:
каква случајна правдина
и каква луда среќа
да се биде на Земјава!
Петар Т. Бошковски