Во јуни оваа година, откако доби уште една книжевна награда по Букер во 2009, и речиси сите најзначајни северно-американски книжевни признанија, Алис Манро изјави дека „Најверојатно веќе нема да пишува". Но ова не беше прв пат да даде ваква изјава - во 2006 во интервју за Toronto Globe and Mail, рече: „Не знам дали имам енергија уште да го правам ова". Но потоа објави уште една збирка раскази, нејзина 14-та, со симболичен наслов "Драг животе". Во неа доследно се занимава со истите теми со кои се прослави - тмурноста на провинцискиот живот, трансформативната моќ на сексот и маката што ја имаат жените да си го најдат патот во машкиот свет.
Инспирација за пензионирањето ѝ дал Филип Рот, бидејќи откако ја направил оваа тешка одлука според Манро „изгледал многу среќно". На нејзини 82 години, по операција на срцето и битка со ракот, таа сега вели дека е добро, или поточно „не многу лошо". „Така зборуваме во Канада. Не велиш некому 'Изгледаш добро', туку 'Не изгледаш премногу лошо'", објасни таа во интервју за Њујорк тајмс од јули оваа година.
Манро во медиумските кругови важи како срамежлива, а во интервјуата поставува речиси исто толку прашања колку што ѝ се поставени. Знаела дека сака да биде писателка уште од 14 години, дисциплинирано пополнувајќи го самопропишаниот број на страници целиот понатамошен живот, па и додека се грижела за трите ќерки. Нејзината прва збирка излегла кога имала 37 години, и не предизвикала голем интерес, сè додека расказите не почнале да се појавуваат во Њујоркер во доцните седумдесети. Причината зошто требало толку време да се појави нејзина книга било тоа што по напуштањето на студиите по новинарство, бракот и трите деца таа била во толку голема депресија што „едвај можела да напише цела реченица“. Но она што ја поттикнало било отварањето на книжарница со сопругот во 1963 - секојдневните контакти со љубителите на книги и нивните автори ја стимулирало да ја напише дебитантската книга, „Танцот на среќните сенки" која веднаш ја добила престижната Governor's prize.
Наречена „канадски Чехов", таа е мајстор на краткиот расказ, кого често го започнува од крајот, или го завршува некаде на средина. Целиот живот страдала што не напишала роман, бидејќи сметала дека сериозен писател е само оној кој има напишано вакво дело. Сега, кога е првата добитничка на Нобелова за книжевност од Канада (после Сол Белоу, кој додуше ја напуштил Канада за САД кога бил момче), и тринаесетта жена добитничка на наградата воспоставена во 1901, со 1,2 милиони американски долари во џебот, може навистина да биде раат пензионерка.
Eден од нејзините најпознати раскази (Мечката дојде преку планината, во филмска верзија со Џули Кристи и Гордон Пинсент) е за жена која почнува да го губи помнењето и го моли мажот да ја смести во старечки дом, по што тој продолжува со дотогашните авантури, но и таа ја пронаоѓа среќата, заљубувајќи се во човек од домот. За среќа веста за Нобеловата ја нашла Манро дома, а не на геријатрија или сенилна - ќерка ѝ ја разбудила среде ноќ за да и каже дека има важна порака на телефонската секретарка. Од некој Петер Енглунд, секретар на Шведската академија.
Tрејлер за филмот „Далеку од неа“, според спомнатиот расказ на Манро