„Да ви кажам право, доста ми е", рекол Рот, додавајќи дека нема ништо напишано во последните три години.
Со оглед на неговата возраст - 79, тој сфатил дека му снемува време за да ги препрочита неговите омилени дела, вклучувајќи ги и сопствените книги.
„Сакав да видам дали сум си го губел времето пишувајќи. И изгледа дека сепак сум бил успешен. На крајот од животот боксерот Џо Луис изјавил: 'Направив најдобро што можев со она што го имав'. Истото можам да го кажам и за моите дела - го направив најдоброто со она со кое располагав".
На сметка на пишувањето романи тој запоставил речиси сè друго во неговиот живот: „Што е многу, многу е! Веќе не го чувствувам тој фанатизам да пишувам, кој го искусив во животот".
Рот, кој е добитник на сите значајни книжевни награди (Пулицер, Букер, Националната книжевна награда на САД и ова лето шпанската престижна Принцот од Астуриас), a често беше споменуван како можен добитник и на Нобеловата, дебитирал во 1959 со „Збогум, Колумбо", но слава доживеал во 1969, со „Портноевата болка" и отворените описи на сексуалноста во неа (обете книги се преведени на македонски).
За неговите дела се вели дека се вбројуваат во големите американски романи, во традицијата на Хемингвеј, Фокнер, Белоу или Фитцџералд. Ако навистина после оваа изјава престане да пишува, ќе биде запаметен и како еден од ретките кои си признале дека им е преку глава од ваквата активност.
Еве некои од Твитер реакциите на веста, некои од нив и не многу потресени: