Ја нарекуваат првата супер-ѕвезда на госпелот, а таа и го заслужила овој епитет, со својата гитара славејќи го и Бог, и секуларните задоволства. Нејзиниот прв хит бил верзија на верска химна под наслов „Рок ми“ од 1938, кога Елвис, подоцнежниот крал на рокенролот бил уште во пелени. Откако славата почнала да ѝ се зголемува таа го ангажирала бендот „Џорданирс“ за да ѝ пее придружни вокали, многу години пред тие да почнат да работат за Присли. Член на бендот подоцна изјавувил дека Елвис ја обожавал сестра Розета и ѝ се восхитувал на неверојатниот гитарски стил.
Таа не му била инспирација само нему, туку и на Чак Бери и на Боб Дилан. Последниов за неа има кажано: „Таа беше крупна, згодна и божествена жена. Беше како моќна сила на природата.“
Се родила како Розета Нубин во Арканзас во 1915, и како мала пеела во цркви со мајка ѝ. На тинејџерски години се омажила за свештеник но го напуштила заминувајќи во Њујорк. Таму свирела со Дјук Елингтон и други топ музичари во тоа време. Набргу почнала да настапува сама, со еден исклучок - пејачката и пијанистка Мари Најт. Најт пеела и свирела пијано, Тарп пеела и свирела и гитара и пијано. Тие станале љубовници и останале во врска неколку години настапувајќи заедно, но Тарп подоцна повторно се омажила.
Во следната деценија нејзината кариера почнала да оди во надолна линија, можеби поради нејзиното инсистирање на верски материјал кој во 1960-тите веќе не бил „ин“. Нејзината последна снимка е од 1970, за данската телевизија, каде го изведува госпел стандардот „Земи ја мојата рака Боже“, песна која ја има снимено и Елвис помеѓу многуте други.
Тарп починала во 1973 во Филаделфија каде живеела со мајка си во скромен дом. Нејзинот погреб бил мал, а Мари Најт ја нашминкала и помогнала да се одбере облека за погребот.
Вокалната изведба на Тарп била на граница помеѓу говор и пеење, очигледно повлијаена од слушањето на харизматични свештеници. Тоа е токму вокалната кореографија врз која е изграден рокенролот. Нејзините гитарски перформанси биле меѓу првите кои користеле дисторзија и влечење на жиците со прсти. Eве една монтажа на она што таа можела да го направи: