Во 1955 на емисијата Person to Person Марлон Брандо дава интервју во неговиот дом во Холивуд. Среде снимање (видеото подолу), тој почнува да зборува за конги, па дури и се нуди да тркне и да исвири нешто, а камерите демек сосема случајно се наоѓаат токму во просторијата со конгите, и ја регистрираат неговата „спонтана" изведба.
Подоцна во животот Брандо продолжил да се занимава со ова хоби, па дури и му помогнал на џез перкусионистот Пончо Санчез во развивањето нов тип конги со многу поедноставен начин на затегнување. Истиот е патентиран во 2002, две години пред смртта на актерот, но до сега ниту еден производител не се нафатил практично да го изведе. Еден од нив на шала изјавил дека идејата била практична и не многу исплатлива, но дека му било страв да му го каже ова на актерот, за да не добие „понуда што не може да ја одбие".
„Затегнувањето" на конги или на кој и да е друг тапанест инструмент, откако тој ќе ја загуби тензијата, бара многу напор. Самиот Брандо велел дека неговиот модел не само што е поевтин, туку и дека „прецизно се затега и не бара дополнителни местења". За неговиот дизајн освен со споменатиот Санчез тој соработувал со Кевин Констанца, адвокат за патенти и дизајнер, кој раскажува дека Брандо имал многу строги правила кои ги поставил уште пред да почне муабетот за конгите:
„Тој не сакаше да биде нарекуван актер, не сакаше да знае дека ти е омилен актер, не сакаше да знае колку си ги сакал неговите филмови. Ич не сакаше да зборува за глумењето или Оскарите или што и да е во врска со тоа. Тој беше пронаоѓач кој најмил адвокат за да го патентира неговиот тапан. И толку".
Ова е само еден од неговите патентирани пронајдоци, кои вклучуваат и посебни чевли кои се носат во базен. Тие оневозможуваат лизгање но го зголемуваат триењето, и оттаму обезбедуваат подобра физичка активност (доколку некој баш реши да пешачи низ базен).
Брандо бил редовен читател на списанието Scientific American, и според луѓето кои го познавале имал неверојатно креативни идеи. За трите прототипи на конги направени согласно новиот начин на затегнување се мислело дека се загубени, додека еден модел не бил пронајден во подрумот на Костанца. За жал, тој засега и ќе остане таму.