Штандовите со книги поставени помеѓу Сена и градското собрание во Париз се омилено место за прошетки и на туристите и на локалците. Тука можат да се најдат не само користени и ефтини книги, туку и постери, стари мапи и сувенири.
Стотина од овие зелени „кутии“ односно киосци се споени со трикилометарскиот ѕид на кејот кој минува низ срцето на главниот град на Франција. Тие се исто толку препознатлив негов белег колку и кулите на Богородичната катедрала кои се извишуваат во позадината.
„Тука сме, на кејот на Сена, веќе 450 години, и на парапетите откако тие биле изградени од Наполеон Трети“, вели еден „букинист“ кој 30 години е претставник на книжарите долж десниот брег на реката.
Неговата изјава се должи на неочекувана закана. На крајот на јули, париското градско собрание соопшти дека киосците ќе треба да бидат отстранети во текот на Олимписките игри кои ќе се одржат во градот во јули и август 2024. Уникатното отворање ќе биде прво кое нема да се одвива во самиот стадион туку долж реката, со големи толпи што се очекува да го набљудуваат токму од кејот.
Книжарите се бунат затоа што за церемонија која ќе трае четири часа тие ќе бидат избркани неколку месеци. Освен тоа, токму оние летните се вообичаено најпрофитните и обезбедуваат начин за опстанок на овие луѓе во останатиот дел од годината. Бројот на туристи во Париз се очекува да изнесува повеќе од 10 милиони следното лето, благодарејќи токму на игрите.
Компромис кој сега го нудат властите е не целосно затворање на штандовите туку нивна преселба на друга локација, која книжарите не ја бендисуваат. Кај нив постои и очигледно чувство на гордост, дека тие придонесуваат на културното населдство на градот. Од практична гледна точка, станува збор за дури 570 киосци кои не се направени така за да можат да се поместуваат, а некои се стари и по неколку децении и со сигурност би биле оштетени во процесот. Оттаму, загриженоста е дека откако еднаш ќе се поместат, тие можеби никогаш и нема да се вратат на старото место.