Модерниот урбан дизајн во голема мерка бил повлијаен од епидемии. На пример, онаа на колера во 19 век довела до воведување модерните канализациски системи. Тоа пак подразбирало дека улиците кои минувале над нив требало да бидат пошироки и прави. Третата пандемија на бубонска чима, која почнала во Кина во 1855, пак, го изменила дизајнот на голем број елементи, од олуци до ќукни тремови и темели, сето тоа во котнекст на глобалната војна против стаорците. Естетиката на модернизмот делумно била резултат на туберклозата, со санаториуми преплавени од светлина, хигиенски поплочени купатила и соби обоени во бело. Во архитектурата формата, исто како и функцијата, секогаш го следела стравот од инфекција.
Речиси е сигурно дека и најновата пандемија ќе има долготрајни ефекти врз архитектурата. Домовите ќе треба подобро да се приспособат за истовремено да претставуваат и работни места. Тротоарите да се прошират за да обезбедат полесно разминување на пристојна дистанца. Канцелариите со отворени простори, каде сите се на „куп“, ќе треба да станат работа на минатото. Лифтовите, во кои бројот на лица беше регулиран со максималната тежина, сега ќе треба да се смалат за да примат еден или двајца, и да реагираат на глас, а не на копче.
Она што ќе треба да се промени не е само ентериерот, туку и мебелот. Канцелариските маси со текот на годините се имаат стеснето, од 1.8, на 1.6 па на 1.4 метри и помалку широчина. Но сега е можен обратниот процес, воведување закони за минимален простор по вработен во канцелариите, како и намалување на максималниот број лица по лифтови и ходници заради спречување гужви.
Сето ова значи дека висококатниците ќе станат поскапи за градење и помалку ефикасни, што ќе ја намали економската привлечност за инвеститорите да градат „небодери“ - кули какви што до сега беа карактеристични за деловните простории во големите градови.
Градежните пост-коронавирус принципи би можеле да вклучат и таква навигација низ објектите кои бараат минимум физички контакт со површини - автоматско отварање на вратите со користење сензори за движење или препознавање на лик, и повикување на лифт со телефон. Истото важи и за управувањето со електричната светлина, вентилацијата и ролетните.
Вирусот го зголемува и јазот помеѓу градот и селото, како и помеѓу градовите и приградските населби. Во самите градови пак е привилегија да се има тераса, за голем двор и да не зборуваме. А влијанието на пандемијата врз миграцијата и туризмот допрва ќе се проценува. „Бустеризмот“ на глобалните градови сигурно ќе доживее голем удар, но од него може ќе се научат и некои лекции - за важноста на јавните услуги, и соодветниот, правичен систем на социјална заштита на сите слоеви на население.