Околностите на атентатот на Абрахам Линколн од 14 април 1865 се добро документирани. Околу 22 часот Џон Вилкс Бут се вовлекол во претседателската ложа на театарот „Форд“ во Вашингтон, каде Линколн со сопругата Мери Ен и пријателите гледал претстава под наслов „Нашиот американски роднина“. Со пиштолот од марката „деринџер“ го застрелал претседателот Линколн во темето и се обидел да побегне, но немал избор освен да се фрли од ложата право на сцената, кршејќи ја левата нога. Подигнал нож во воздух и извикал Sic semper tyrannis! (Така секогаш за тираните!). Освен што овој израз се наоѓа на знамето на сојузната држава Вирџинија, тоа се наводно и зборови кои Брут ги кажал кога го зарил ножот во Цезар. Мотивот за атенатот бил тоа што Линколн, републиканец, во 1862 го укинал ропството на црното население, а неговиот убиец, 26-годишниот актер Бут, бил симпатизер на демократите.
Во метежот кој настанал потоа, Бут исчезнал од театарот, се сретнал со извесен Дејвид Харолд, 23-годишен фармацевт, по пат го собрале оружјето кое претходно го скриле и се вдале во бегство. Линколн бил во кома осум часа, и починал рано наутро следниот ден.
Заверениците во четири часот наутро истата ноќ стигнале на врата кај доктор Семјел Мад од јужен Мериленд. Бут имал големи болки од скршената нога. Мад не поставувал прашања, а и лекарската етика не му дозволувала да не го прегледа болниот.
Мад никогаш не признал дека знаел што се случило неколку часа порано во Вашингтон. Бут и Херолд кај него биле околу 12 часа. За тоа време докторот од локалниот столар нарачал штаки , им подарил пар нови чевли и нешто намирници. Заверениците му платиле 25 долари и заминале кон Вирџинија. Докторот веќе никогаш не видел ниту еден од нив, освен во весници. Десетина дена подоцна војската ги пронашла - Херолд се предал, но Бат одбил да се предаде и бил застрелан. Херолд е осуден и обесен во јули истата година.
Докторот пак бил уапсен пред властите воопшто да го фатат Бут и е обвинет за соучесништво. Признал дека го лечил Бут без (наводно) да знае за атентатот. Тврдел дека никогаш не го сретнал човекот а му го знаел ликот само затоа што бил славен глумец. Но сведоци изјавиле дека во три наврати двајцата биле видени во исто друштво. Мад е затворен во озлогласената тврдина Форт Џеферсон во Мексиканскиот залив со уште неколкумина соучесници, и сите се осудени на доживотна робија. Мад ја избегнал смртната казна само за еден глас од деветчлената воена порота.
Во затворот владееле ужасни услови, а тие станале уште полоши кога се појавил првиот случај на жолта грозница. Меѓу првите жртви бил воениот лекар, па единствениот стручен кој можел да помогне бил Семјуел Мад. Тој веднаш забранил да се пие водата, која исправно ја сметал за извор на заразата. Барал чиста постелнина, подобра храна, чаеви и зовриена вода. Им давал на болните каломел, лек на база на жива кој предизвикува повраќање, за чистење на организмот. Благодарејќи му нему само 10% од заболените починале, а тоа главно биле самите војници кои биле побројни од затворениците. Тие биле исклучително благодарни, и покренале молба за ослободување на докторот, упатена до претседателот Ендрју Џонсон, повикувајќи се на етиката на докторот кој не одбил да ги лекува своите чувари. Ова вродило со плод и Мад ја напуштил тврдината Џеферсон на 11 март 1869 со паробродот „Слобода“.
По враќањето дома не сакал да се сеќава на овој настан. Продолжил да се занимава со докторска пракса, а со време се вклучил во политиката како локален кандидат на демократите. Починал од тешко запаление на белите дробови. Кога умрел имал само 49 години, а зад себе оставил сопруга и девет деца.
Иако е помилуван, тој е и денес официјално виновен за учеството во убиството на Линколн. Неколкумина американски претседатели, меѓу кои Реган, изјавиле дека веруваат во невиноста на доктор Мад. Неговата куќа, во која ја лечел ногата на Џон Вилкс Бут, се наоѓа во регистарот на културното и историско наследство на САД.