Основачот на движењето на Црвениот крст верувал во апокалипса и точно знаел како ќе изгледа

Историјата го памети Анри Динан главно по две работи - како основач на движењето на Црвениот крст и како добитник на првата Нобелова награда за мир во 1901. Но има уште една работа која и не е толку контрадикторна со неговите хуманитарни побуди.

Според сајтот на Meѓународниот музеј на Црвениот крст и Црвената полумесечина, лоциран во Женева, Швајцарија, помеѓу 1877 и 1890 основачот на оваа организација, Анри Динан, произвел серија дијаграми кои го опишуаат неговото разбирање на минатото и иднината на човештвото.

Инспириран од христијанската теологија, тој во цртежите внел хронолошки преглед од Големата поплава во времето на Ное до нешто за што сметал дека е неизбежна aпокалипса, која на човештвото ќе му се случи во (негова) блиска иднина.

Дијаграмите комбинираат мистички референци со библиски, историски и научни настани, но истовремено прават јасна опозиција помеѓу Женева, како центар на реформацијата и католичката црква. 

Сликата горе е првиот цртеж од серија која се состои од четири дела, изработени со моливи во боја, мастило, индиско мастило, восочни креони и водени бои.

Динан вложил многу време на скици, организирајќи ги симболичките елементи согласно строга логика и прецизно вметнувајќи ги во својата хронологија. Во текот на животот не ја дочекал апокалипсата која ја предвидувал, но можеби таа сепак се случува, само постепено, а не одеднаш.

извор

15 март 2024 - 08:35