Според анализа на Индипендент, направена воочи овогодинешното доделување на Оскарите, голем број од наградените филмови од минатото „не остареле добро“. Со други зборови, кога би биле направени денес, ликовите или дел од содржините не би биле такви какви што се во оригиналот, или пак воопшто не би можеле да бидат снимени.
Да го земеме за пример „Американска убавина“. Најпрвин, присуството во него на „лустрираниот“ актер Кевин Спејси (кој доби Оскар за своето толкување на средовечниот Лестер Барнем) за многумина е причина да не го гледаат или да не го гледаат повторно филмот, и покрај тоа што тој доби дури пет Оскари во 2000-та, вклучително и оној за најдобар филм.
Филмот не старее добро и поради несоодветниот флерт на Лестер со најдобрата пријателка на својата ќерка-тинејџерка. Има повеќе сцени во кои Лестер фантазира за Сувари, која е гола и покриена во ружи. Тогаш познатиот критичар Роџер Еберт напиша: „Дали е погрешно за еден маж на свои 40 години да посакува тинејџерка? Секој кој е чесен разбира дека тоа е комплицирано прашање. И морално и законски е погрешно. Но како што знае секоја жена, мажите се родени со сет-ап кој оди директно од нивните очи кон гениталиите, заобиколувајќи ги повисоките когнитивни центри. Тие можат да ги критикуваат нивните мисли, но не можат да им забранат да ги имаат“. Еберт во меѓувреме почина, инаку по една ваква изјава денес сигурно веќе не би можел многу да пишува.
Друг пример е „Кога јагнињата ќе стивнат“, кој доби Оскар за најдобар филм. Тој денес е критикуван поради портретирањето на лошиот Бафало Бил (го игра Тед Левин). Бил е сериски убиец кој на себе ни носи кожите на жените кои ги убил, ги чува нивните облеки и се облекува како нив.
Иако главната протагонистка Клерис (Џоди Фостер) и нејзиниот консултант-човекојадец Ханибал Лектер (Ентони Хопкинс) никаде не велат дека Бил е трансџендер и никаде не се посочува дека постои можна врска помеѓу таквиот идентитет и насилството, за критичарите намерата не е важна. Она што публиката си го врзува во крпче е дека Бафало Бил е откачен сериски убиец кој игра во женска облека, што значи е - трансџендер.
Критичарите ги креваат веѓите во врска со голем број елементи поврзани и со „Форест Гамп“, меѓу кои портретирањето на луѓе кои имаат проблеми со учење, луѓе што протестираат и ветерани од Виетнам. Но според нив најнавредливиот детал е третманот на најдобрата пријателка на Форест, Џени, која како мала е злоупотребувана од татко ѝ и целиот живот го поминува во сенката на таа траума. Игра во стриптиз клубови, се заразува со сида и умира млада. Според текст на Мет Глазби од GQ под наслов „Зошто Форест Гамп е отровен филм“, Џени е „класичен лик на мајка-светица-курва“ која на крај успева да го „благослови“ Форест со тоа што легнува со него и му раѓа син кој е паметен (а не глупав како татко му), а потоа, многу соодветно, веднаш умира“.
Примери има уште, но тие само укажуваат на тоа дека колку и оние кои ќе добијат Оскар оваа година бидат правени по мерка на моменталниот доминантен дискурс за тоа што е прифатливо а што не, за некоја година или деценија можат да бидат најскандалозните на свет. Оттаму, зошто да не бидат скандалозни (а добри) уште од сега?