„Осамени волци“. „Терористички ќелии“. „Епидемии“.
Јазикот кој го користиме кога зборуваме за насилниот екстремизам е полн со метафори од природниот свет. Кога се обидуваме да разбереме зошто некои луѓе се однесуваат толку нечовечно, се потпираме на споредби од биологијата, екологија и медицината.
Но што ако цело време сме се потпирале на погрешните науки? Што ако омразата се шири не како „рак“, туку како меурчиња во зовриена вода, или се згрутчува како млеко?
Вака барем мисли Нил Џонсон, професор по физика на Универзитетот Џорџ Вашингтон и водечки автор на студија која го анализира ширењтое на онлајн омразата, објавена неодамна во Nature. Ова звучи како необична тема за физичар кој до 2007 на Оксфордскиот универзитет се занимавал со сосема други теми. Но по преселбата во САД навлегол во сосема нова теорија, применувајќи теории од физиката на сложеното човечко однесување, од финансиски пазари до тероризам.
Необичниот пристап на Џонсон резултирал со изненадувачки заклучоци - тој вели дека сета онлајн омраза во светот потекнува од само 1000 онлајн кластери. Во интервју за Гардијан тој објаснува како дошол од физика до истражување на социјални прашања, но и за омразата како за физичко-хемиски процес, кој тој го нарекува „теорија на гелизација“ (gelation theory).
И ова не е метафора - анализата на податоците и бројките покажале дека тие се однесуваат слично како кога скиснува млеко заборавено во фрижидер. Микроскопски, исто како што се формираат грутки во млекото, така се формираат и заедници во општествениот свет. Математиката и на едното и на другото се совпаѓа, и џабе им е на оние кои тврдат дека се изградени индивидуи кои не можат да „скиснат“ и да се претворат во „грутки“ - природните закони важат за сите кои живеат во колективи.
„Луѓето велат дека онлајн омразата е како рак, дека е како вирус, дека е како ова, како она - не. Омразата е како згрутчување, како правење гел“, вели Џонсон.
Тој и неговиот тим започнале со кластери кои веќе биле забранети на Фејсбук, како ККК. Потоа трагале по такви кои се поврзани со нив и формирале цела мрежа, од околу 1000 кластери, сите онлајн и на исте платформи, кои пропагираат глобална омраза од секаков вид. Ако зад секој од нив стојат помеѓу 10 и 100.000 луѓе (но да речеме 1000 во просек) тогаш имаме 1000 кластери со по 1000 луѓе, тоа се милион луѓе. САМО милион луѓе кои шират омраза на целата планета!
Она што загрижува е дека опсегот на идеологија во овие заедници не е секогаш прецизно дефиниран како што обично замислуваме - тие не се само расисти или антисемитисти, или само гневни белци. Наместо некакво „мени“ со фино одделени категориии, станува збор за континуиран и мултидимензионален спектар на омраза, што ќе каже дека се можни и различни, понекогаш и неверојатни комбинации. Но според Џонсон нивната забрана од некои социјални мрежи создава уште полоши глобални „мрачни ќошиња“ кои уште помалку можат да се следат. И во ваквото преживување овие кластери се однесуваат како живи организми - еволуцираат, се прилагодуваат и стануваат поотпорни.
Едно од решенијата за излегување на крај со ваквата ситуација е формирање на спротивни „анти-хејт“ кластери, како антитела кои можеби не можат да ја „излечат“ болеста но можат да ја успорат. Клучен во ова е зборот КЛАСТЕР, значи не давање индивидуален отпор со тук и таму по некој коментар или хејт на хејтот, туку организиран и систематски отпор. Индивидуалниот отпор е толку залуден и толку напорен што го крши човека, и на тој начин „болеста“ победува - однела уште една жртва. Само што понекогаш тоа го направила и буквално.