После „Тhe End"

Одјавни шпици со поента

Филмот завршува, ја напуштате салата или го гасите телевизорот, но со тоа пропуштате да ги видите одјавните шпици, кои кај некои филмови навистина го красат делото.

Не зборуваме за оние „пост-кредит" сцени, уште наречени стингери, кода или „кредит кукис", кои одат откако целосно ќе заврши одјавата на филмот, туку за такви кои се одвиваат паралелно со шпицата. Еве мал избор од нив:

Величествените Амберсонови (1942)

Напишан и режиран од Орсон Велс, филмот во последната верзија бил искасапен од продуцентите кои му скратиле повеќе од половина час (сцените никогаш потоа не биле пронајдени) и му го смениле крајот, така за да биде среќен. Одјавна шпица всушност и нема, туку Велс самиот ги чита имињата на сите учесници. Фали само едно име - на композиторот, кој бесен заради скратувањето на филмот, барал неговото да не биде спомнато.

Експериментирањето со одјавните шпици на Велс почнало една година претходно со Граѓанинот Кејн, каде на крајот екипата се претставува преку кратки сцени од филмот, кои не се извадоци туку се дополнително снимени. 

Ваквиот летечки преглед на филмот преку најважните сцени му дава суптилен комичен тон (нешто како Граѓанинот Кејн за идиоти), дополнето со гримаси на актерите кои ги нема во самиот филм. Објаснувањето е дека Велс сакал да го примени принципот на античките драми, во кои по завршувањето на некоја сериозна и тешка трагедија следела „игра на сатирите" (читај: сатира) која ги релативизирала темите обработени во неа.

Милионер од гетото (2008)

Додека оди шпицата на главните ликови им се придружуваат стотина статисти во Боливудска сцена. Песната „Џаи Хо" на која играат доби Оскар - ја пеат четири вокалисти, секој на различен јазик: хинди, пенџаби, урду и шпански.

Мајкл Клејтон (2007)

Одличен трилер со Џорџ Клуни во главната улога, кој завршува со тоа што тој влегува во њујоршко такси, и си седи во тишина цели две минути. Режисерот изјавил дека за неа бил инспириран од завршната сцена на филмот на Мајкл Ханеке, „Професорка по пијано", со Изабел Ипер, од 2001.

Wall-E (2008)

Воли беше цртаниот со симпатичното роботче пратено на земјата да ја исчисти од отпад. И покрај меланхоличниот тон на филмот кој прикажува некаква пост-апокалиптична слика на земјата, сцените по него се анимации кои прават пресек големите уметнички стилови (од пештерска уметност до спиралите на Ван Гог), заедно со трудот на патниците на Аксиом - вселенското летало кое ги содржи атрофираните примероци од луѓето - да ја кренат таа некогаш славна платена Земја повторно на нозе. Музика: „Долу на земјата" од Питер Габриел.

Aко се сетите на уште некоја ваква шпица пишете ни.

29 ноември 2012 - 08:44