Некогаш дел од домородните традиции, „чича“ - алкохолниот пијалок направен од ферментирана пченка, бил забранет во Колумбија уште од 1949, а формално неговиот статус е таков и денес. Образложението за забраната била дека тој ги прави луѓето „глупави и насилни“, и тоа не само кога се пие туку и кога се приготвува, бидејќи наводно неговата ферментација испушта токсини. „Болеста“ која ја предизвикува дури добила и име, чичисмо, бавен распад на телото и умот. Речиси целата втора половина од 20 век властите ја конфискувале опремата, ја фрлале течноста и ги праќале производителите во затвор, најмалку шест месеци до една година.
И ова нема врска само со познатото влијание на големо количество алкохол врз човечкиот дух, туку и со начинот на кој била приготвувана оваа пијачка во минатото. Имено, векови пред доаѓањето на Европејците, домородните народи кои живееле на висорамнината кадешто е денешна Богота, правеле чича користејќи го следниов традиционален процес: жените ја џвакале пченката и ја исплукувале кашата во глинен сад за нивната плунка да ја поттикне ферментацијата. Потоа го закопувале садот за да биде на студено. Две недели подоцна, тој содржел густа жолтеникава, алкохолизирана смеса.
И сега доаѓа интересното. Иако процесот бил бавен и напорен, што значи дека за повеќе чича би било поефикасно повеќе жени да ја џвакаат пченката, не секоја жена била за оваа работа. Само оние мудрите од заедницата можеле да го прават тоа, затоа што се сметало дека преку овој процес (преку нивната плунка) на оној кој ќе ја пие чичата ќе му ја пренесат и својата мудрост.
А пиеле сите, но само на празници и при значајни церемонии. Кога подоцна пченката почнала да се гмечи рачно, а не со џвакање, чичата станала вообичаен пијалок, конзумиран од исушени половинки тиквички кои служеле како чашки. Патниците си носеле вакви шољички околу вратот, за кога ќе пристигнат во некое село луѓето да им понудат од пијалокот.
До 19 век веќе се појавиле и комерцијални производители, кои ја мешале пченката со сок од шеќерна трска што ја забрзувало ферментацијата. Тогаш чичата се сметала за здрав, енергетски пијалок, кој содржел сè, од витамини преку „добри“ јаглени хидрати до растителни шеќери. Понекогаш била нарекувана „течен леб“.
Но наскоро чичата била „патологизирана“ и тоа поради Европејците. Во 1889 германскиот имигрант Лео С. Коп отворил пивница во Богота, првата пивара во Колумбија. Случајно или не, истата година лекарот Либорио Зерда, кој работел во хемиска лабораторија на медицинскиот факултет во Богота, излегол со „наод“ дека чичата е отровна. Така започнал митот за „чичисмо“, болест карактеризирана со „пигментација на кожата“, „тажен и глупав изглед“ и „одвратен“ мирис на телото. Зависниците од чича биле нарекувано анчичадос, тие немале енергија и желба за работа и полека се распаѓале - проблем од национални пропроции, кои водел кон „расна дегенерација“ на Колумбијците.
Ова е најверојатно резултат на корумпирани владини кругови, што се совпаѓа со рекламите кои излегле паралелно со анти-чича кампањата. „Нема веќе чича, пијте пиво!“. Забраната формално важи и денес, но продавачи има дури и на улиците на Богота. Рецептите се пренесуваат од генерација на генерација, со варијации - некои додаваат боровинки, други ананас. Токму затоа шишињата се толку убаво обоени и привлечни. Сепак, локалците сугерираат дека треба да се знае од која фамилија доаѓа пијалокот за да се биде сигурен во неговиот квалитет.