Од супер, преку мега до омни-ѕвезди: кaко вештачката интелигенција ќе ја трансформира славата

Koмпјутерите со децении ги заменуваат човечките работни места. Сега долгата рака на вештачката интелигенција почнува да посега и по оние најгламурозните. И иако интуитивно изгледа како да ќе ги загрози, досегашната историја на иновациите покажува дека славните преку нив само станале уште пославни.

Холивуд беше во хибернација половина година, до вчера, 8 ноември, кога студијата им понудија заштита на ѕвездите од нивните конкуренти-роботи. Живите уметници беа потиснати на овонеделните топ листи од мртов Битлс, „воскреснат“ од ВИ. Актери како Скарлет Јохансон и автори како Џон Гришам се судат со технолошки компании поради неавторизирана употреба на нивните слики и зборови. 

Но иако загриженоста на ѕвездите дека ВИ им ја краде работата или им овозможува на помалку талентирани изведувачи да ја заведат публиката донекаде е оправдана, всушност оние што најмногу се жалат од новата технологија се оние кои најверојатно ќе профитираат најмногу од неа. Далеку од тоа да ја разводни моќта на ѕвездите, ВИ ќе ги направи најславните уште пославни, со тоа што ќе им овозможи да се појавуваат на сите пазари, во сите формати, цело време. Посакајте ѝ добредојде на - омниѕвездата. 

Ова не е прв пат технологијата да ги има променето правилата на славата. Луѓето почнале да зборуваат за нив во 18 век, откако порастот на писменоста и читањето создале ѕвезди на полето на книжевноста. Радиото и филмот најпрвин изгледале како закана по ѕвездите, кои биле загрижени дека нивните изведби во живо ќе загубат на вредност. Всушност, токму овие технологии го поттикнале подемот на супер-ѕвездата, термин кој станал популарен во 1920-тите. Слична паника го следела воведувањето на телевизијата (и водел до последниот голем холивудски штрајк, во 1960-тите). Но повторно, новата технологија ги направи славните уште пославни, преселувајќи ги во секоја дневна соба. Супер-ѕвездите така станаа „мега“.

И сега ситуацијата изгледа ќе биде таква. Еден од парадоксите на добата на интернет е дека иако слободните постирања на Јутјуб, Тикток и сличните платформи имаат создадено „долга опашка“ на кориснички содржини, најголемите хитови од најголемите артисти имаат станато уште поголеми. Бројот на музичари кои заработуваат над 1000 долари годишно од авторски права на Спотифај се има удвоено во последниве шест години, а бројот на оние кои заработуваат над 10 милиони годишно има пораснато за четири пати. 

Слична шема важи и за целата индустрија на забава. Бројот на играни филмови издадени секоја година во последните две децении се има зголемено за два пати, но најголемите блокбастери истовремено го имаат удвоено профитот на билетарите. Плимата на самообјавени книжевни изданија не ја има засегнато продажбата на ѕвездите-автори. Во морето избор, публиката се потпира повеќе на препораки, и алгоритамски и човечки, кои ги водат кон најпопуларните содржини. ВИ ветува уште повеќе избор, и оттаму уште повеќе потрошено време за пребарување за публиката, која ќе продолжи да гравитира кон веќе извиканите ѕвезди на врвот. 

извор

10 ноември 2023 - 18:33