Во Хомеровата „Одисеја“, Ментор е старец кого Одисеј го замолил да се грижи за синoт Телемах, кога тргнал во војна. Но во епот, вистинската улога на она што го подразбираме денес под „ментор“ всушност ја игра божицата Атина. Таа, oткако сфаќа дека Ментор не ги држи работите под контрола, се преправа во старецот и оди кај Телемах да го советува за тоа што треба да направи за своето семејство.
Денес менторирањето има повеќе форми - од нечие водење во светот на спортот, до поддршка во истражувања и пишување академски текстови, како магистерски или докторски дисертации. Но без оглед како некој е менториран, тоа е неопходна и стара врска помеѓу луѓето, за која зборуваат книжевноста, религиозните текстови и популарната култура, и која е двонасочна, со голема одговорност на двете страни.
Ментори се оние чии совети, знаења и воопшто присуство во нашиот живот влијаеле врз тоа како го гледаме светот и како ги развиваме своите потенцијали. Но тоа може да биде врзано и за специфична област и вештина. Во средниот век менторирањето станало вообичаена практика на еснафите, во кои младите, откако ќе се здобиеле со извесни технички вештини, имале корист од патронатот на поискусните и поетаблираните професионалци. Во различните религии се познати менторските односи на гуруто или учителот со учениците, а во спортот на тренерот со помладите спортисти. Помладите и понеискусните најчесто се нарекуваат протеже, чирак, кандидат, помлад колега/колешка, ученик.
Робеспјер му бил ментор на Наполеон. Дамбелдор на Хари Потер. Јода на Лук Скајвокер. Сократ на Платон. Вуди Гатри го менторирал помладиот Боб Дилан, кој пак му ја посветил „Песна за Вуди“, ода за Гатри. Модниот дизајнер Кристијан Диор го менторирал колегата Ив Сен Лорен. Кога се преселил во Париз, Сен Лорен му бил претставен на Диор од страна на уредникот на францускиот Вог. Откако се запознале и почнале да соработуваат, на возраст од само 21 година, Сен Лорен го заменил Диор како дизајнер во истоимената модна куќа. Американскиот магнат Ворен Бафет, најуспешниот инвеститор на 20 век, го менторирал Бил Гејтс. Реј Чарлс му бил „гуру“ на легендата на музичката индустрија Квинси Џонс.
Но понекогаш менторите се во рамки на семејството. Клинт Иствуд во интервјуа инстакнувал дека ментор му била неговата баба, која го охрабрувала секогаш да биде трудољубив и да ги следи своите соништа.
Слика горе: Акварел на англискиот поет и сликар Вилијам Блејк, под наслов „Возраста ги учи младите“, романтичка претстава на менторството, која често се наоѓа во неговите дела.