Во својата книга „Рамноправност: историја на една недофатлива идеја“ (ноември 2023), американскиот историчар Дарин МекМахон трасира интелектуална историја на идеја кон која имаме поделени чувства - исто онолку колку што се бориме за рамноправност, толку сме и длабоко скептични во врска со овој концепт. Тој покрива огромен период, од раната историја, преку просветителството, до денес, во кој рамноправноста била постојано реобмислувана, во големите светски религии и во политичките идеологии, од страна на револуционери и социјалисти, нацисти и фашисти и поствоени реформатори и активисти.
Со оглед на тоа што е експерт за Франција од 18 век, МекМахон се фокусира на тоа време и место, меѓу другото и затоа што тие го создале најголемиот „eгалитарец“ во историјата - Жан Жак Русо. Неговата филозофија произлезена од загриженоста околу екстремната класна нееднаквост ги поставила темелите на политичките револуции на обете страни на Атлантикот и на правните системи кои ја претставуваат волјата на слободните граѓани (додуша не и на граѓанките, кои Русо ги сметал за понизок вид суштества).
Критичарите му забележуваат на МекМахон дека тој понекогаш ги меша формалните залагања за рамноправност (како во христијанството - „сите сме исти во очите на Бога“) со практичната примена на такви закони и мерки кои навистина ќе ја обезбедат и во световниот живот. И денес многумина се уште ја негираат врската помеѓу социјалните димензии на рамноправноста - да се биде рамноправен во општествен или политички статус - со правичноста на тоа како се дистрибуирани добрите нешта во животот.
Излегува дека рамноправноста е недофатлива идеја, со дефиниција која е моделирана од конкретни историски и други околности. На крајот, најдобар за дефинирање е гневот кој се појавува во услови на нерамноправност - тогаш станува јасно што е спротивно на еманципацијата, слободата и рамноправноста.