Типографски трилер

Обновувањето на еден фонт фрлен в река

Во новогодишниот број на Економист налетавме на многу интересен текст, со елементи на акција, мистерија и трилер. И сето тоа поврзано со еден печатарски слог, чиј автор не сакал да падне во туѓи раце.

Во мрачните ноќи на крајот на 1916, на потегот помеѓу Dove, паб во западен Лондон и мостот Хамерсмит, често можел да се види еден снеможен 76-годишен човек, како шета, навидум бесцелно. Ништо не асоцирало на тоа дека тој врши некакво злосторство. А всушност се случувало токму тоа.

Кобден-Сандерсон, печатар и подврзувач на книги, во периодот од август 1916 до јануари 1917 исфрлил повеќе од еден тон метални печатарски букви од западната страна на мостот. За тоа му биле потребни 170 прошетки од неговата работилница до местото, на секое одење минувајќи речиси еден километар, и тоа секогаш после самрак. Најпрвин фрлал цели рамки со букви во реката, а подоцна се отарасувал од нив една по една, фрлајќи ги како семе за птици. За да си олесни, пронашол мала дрвена кутија со лизгачки поклопец, и и направил рачка од лента, идеално за исфрлање на парчињата во вода без да се разбуди сомнеж кај минувачите.

Печатарскиот слог се користел ексклузивно од Doves Press, печатница на убави книги кои Кобден-Сандерсон ја ко-основал пред 16 години. Фонтот не бил (само) негов, па практично со неговото фрлање тој уништувал туѓа сопственост. И покрај доброто планирање на акциите, една ноќ тој за малку со оловото ќе удрел по глава некој кој со своето бротче неочекувано се појавил под мостот. А пак друг две торби букви наместо во водата завршиле на кејот, непристапни, но на ачик. Откако неколку ноќи не спиел размислувајќи како да дојде до местото, нив сепак ги однела водата.

Целата работа е резултат на непријателството помеѓу Кобден-Сандерсон и Емери Вокер (на сликата лево), негов бизнис партнер, со кого Кобден не сакал да го дели фонтот кон кого имал развиено речиси религиозна посветеност. Втората причина е технолошката промена која го трансформирала светот во текот на неговото време - тој ја мразел индустријата, па уништувањето на сопственото дело било единствена гаранција дека „тоа никогаш нема да биде употребено во печатарска преса која е управувана на кој и да е друг начин освен од рака на човек".

Речиси сто години подоцна, во истиот град, Dove светка од екранот на допир на еден ај-фон. Роберт Грин минал три години во создавањето дигитална репродукција на славниот фонт - прва употреблива верзија откако оригиналните метални парчиња биле проголтани од Темза. Во потрагата по соврешни кривини и прецизни серифи, тој пресметал дека го има прецртано фонтот најмалку 120 пати. „Не сум сигурен зошто почнав", вели тој, „но на крај ми го презема целиот живот."

Фанови на овој фонт и претходно се обиделе да спасуваат парчиња од реката, но никогаш не било пронајдено ниту едно. Така Грин морал да зајми книги напишани со овој фонт како референца. Иако звучи едноставно, нерамномерното печатење на преса го прави реконструирањето на фонтот невозможно. Откако мастилото ќе ја допре хартијата, ниту една буква не е репродуцирана идентично. Да ја погодиш формата на металот кој ги остава токму тие траги бара време и трпение. Слично како и техниката на Кобден-Сандерсон и Вокер кога го создале фонтот врз основа на два поранешни дизајни. Најголемо влијание имал венецијанскиот печатар од 15 век, Николас Џенсон, чии јасни и елегантни текстови ги замениле готичките црни букви фаворизирани од пионерите на печатењето.

Грин на оригиналниот фонт кој имал сто и нешто карактери додал уште некои карактеристични за новото време (@ и знакот за евро, на пример) и стигнал до - 350. Додека Doves постоел само во една големина, слична на 16-ка, неговиот дигитален наследник има повеќе величини. Дали поранешните сопственици се превртуваат во гробот? Грин смета дека Кобден-Сандерсон би бил горд, И се надева дека неговиот дух нема да го прогонува до крајот на животот.

Целата приказна за партнерството помеѓу Вокер и Кобден-Сандерсон, со сите интересни детали за општествениот живот на почетокот на 20. век се опишани во книгата The Doves Press на Маријан Тидкомб. Печатницата била отворена со капитал на жената на Кобден, чие семејство спаѓало во високите кругови (тој и жена му присуствувале на свадбата на Черчил, од кај невестата). Во 1902 таа имала седум вработени, а атмосферата била полна со ентузијазам - на местото на дотогаш „тешките" книги, полни со орнаменти, илустрации и густ проред, сега дошле книгите на Doves Press, кои биле едноставни, модерни, дискретно декорирани. Популарноста на фирмата се должи на „Загубениот рај" на Милтон отпечатена во 1902, како и на петтомната Англиска библија, чиј почеток (на сликата) е најпозната страница во печатарската историја. Сите 500 примероци биле продадени на претплатници уште пред да излезат од печатницата. Профитот на основачите од неа биле 500 фунти, а денес таквата оригинална Библија може да достигне и 30,000 долари.

Но наскоро почнале да се појавуваат несогласувања, помеѓу практичниот Вокер кој почнал да се занимава и со други бизниси и фанатичниот Кобден, кои кулминирале со фрлањето на буквите во река. Целата приказна, покажува неверојатна приврзаност кон сопствената креација, но и погрешно предвидување дека технолошкиот напредок ќе ја потисне важноста на типографијата. Евтиниот софтвер охрабрува дизајнери од целиот свет да се пробаат во оваа работа - во 1970-тите имало 7,000 „тајпфеси" каков што бил Doves, а денес таа бројка се проценува на 200,000. На сајтот MyFonts еден бестселер фонт може да достигне цена и до 20,000 долари. Оригинален, креативен фонт е работа на престиж, без оглед дали се работи за книга, списание или покани за свадба.

Кобден-Сандерсон умрел без да се покае во 1922. Вокер ја тужел неговата вдовица и најверојатно добил отштета надвор од судот. И таа умрела во 1926, а нејзината пепел е закопана заедно со онаа на нејзиниот сопруг близу Темза. Од тогаш водата ги има однесено и двајцата. Сосе фонтовите

28 јануари 2014 - 17:51