Облеката од иднината била замислена како „пали-носи“

Купуваш нешто, го носиш неколку пати и го палиш за да не мора да го переш или пеглаш. Идејата се појавила во текот на 1950-тите и требало да им помогне особено на жените, ем стално да си носат нешто ново, ем да им ја олесни домашната работа. 

На 25 октомври 1959 Американците ги отвориле неделните весници во кои имало стрип кој ја промовирал идејата за облека што се фрла. „Поблиску отколку што мислиме“ (Closer Than We Think) бил истовремено пренесуван во околу 200 весници во САД. Илустриран од комерцијалниот уметник од Детроит, Артир Радебо (Arthur Radebaugh), тој бил нацртан во боја и прикажувал жени на кампување кои за излетот (на кој патем дошле со летечки автомобил) спакувале десетици парчиња облека кои ги менувале на секој час. 

„Дали вашата облека треба да се пере или да се чисти? Дали сте уморни од старите модели или бои? Во иднина, ако вашиот одговор на овие прашања е да, единствено што ќе треба е да си ја фрлите старата облека и можеби да запалите оган со неа“.

Стрипот објаснувал дека облеката од иднината ќе биде направена од поиздржлива хартија и дека би можела да се носи неколку пати а потоа да се фрли. Наводно војската веќе тестирала ваква ткаенина за падобрани, шатори и друг вид засолништа. Таа „лежела“ добро и можела да се носи и на сонце и на дожд. 

Ваквата идеја во средината на минатиот век била судир на две култури. Првата била технологијата која секојдневно промовирала нови производи и материјали. Фустаните од 1960-тите биле создадени од вештачка свила која своите корени ги има во 19 век, а која во 1960-тите веќе можела да се произведува поефтино. Или биле креирани со „потрајниот братучед“ на материјалот за хартиените фустани, тн. „римеј“ - неткаен материјал од синтетички влакна сличен на полиестер, развиен од фабриката ДуПонт. И ова не биле некакви наметки за кампување, туку „хипи“ мини-задолништа и фустани за младата генерација, иако рекламите ѝ се обраќале и на традиционалната американска жена. 

Авторот на овој стрип, Радебо, замислил и многу други нешта кои подоцна се оствариле. На 5 мај 1958 објавил стрип за „училиштето на копчиња“ од иднината, со компјутерски конзоли на клупата на секое дете, или електронска домашна библиотека (1959), со ѕидни проекции од микрофилм. Сепак, облеката уште не ја палиме, освен ако не се мисли на огромните депонии на „брза“ облека кои чадат низ светот.

21 мај 2024 - 07:03