Уште од смртта на Моцарт во 1791 постои цела митологија околу неговиот однос со италијанскиот композитор и негов наводен ривал, Антонио Салиери. Таа се актуелизираше особено преку филмот на Милош Форман, направен врз основа на фикционализираната биографија на Моцарт на Питер Шефер, каде Салиери е прикажан како завидлив и злобен лик, кој практично го убил генијалниот композитор.
Тогаш упатените во тоа како стоеле работите на музички план во Виена при крајот на осумнаесетиот век го отфрлија портретирањето на Салиери како опсесивен медиокритет, но поп-културата и фолклорот, како и вообичаено, ги потисна и онака тивките гласови на оние од академските кругови. Сега тие имаат аргумент кој не е баш лесно да се отфрли - дека Моцарт и Салиери седнале и напишале заедно едно дело, кое (можеби) докажува дека тие и не биле така лути непријатели.
Кантатата, напишана во 1785, била откриена од германскиот композитор и музиколог Тимо Јуко Херман во библиотеката на Чешкиот национален музеј. Песната се вика Per la Ricuperata Salute di Ofelia или „За подобреното здравје на Офелија". Офелија најверојатно е Ненси Сторас, познат англиски сопран, за која била напишана улогата на Сузана во Моцартовата „Свадбата на Фигаро", а песната е напишана како прослава на нејзиното враќање на сцената по болест која ѝ го одзел гласот повеќе од 5 месеци. Зборовите се на Лоренцо Да Понте, кој е и автор на либретата на најпознатите опери на Моцарт.
И оваа соработка, но и самостојните дела на Салиери, покажуваат дека тој бил далеку од неинвентивен и досаден композитор - негови ученици биле Бетовен, Лист, Шуберт, па дури и самиот син на Моцарт, Франц Ксавер, шестото и најмало дете на Волфганг и Констанца, кој се родил неколку месеци пред смртта на татко му. Доколку семејството на Моцарт навистина сметало дека Салиери е убиецот, тие сигурно не би го дале синот на подучување кај него.
Слушнете ја кантатата, онака како што беше отсвирена оваа недела во Чешка:
За љубители, 2 пијано концерти на Салиери во изведба на Андреас Стајер (ЦД кое ни е едно од омилените парчиња во домашната колекција)