„Дизајнер на потписи“ е ново тренди занимање, чија целна група се професионалци кои често потпишуваат документи или пак славни личности чии автограми се скапи и престижни. Ако се веќе такви, тогаш треба и да личат на нешто, а не само на чкртки-мртки на хартија.
Тоа го овозможуваат најмени калиграфи, кои нудат разни стилови: елегантни, драматични, класични, разиграни, читливи, па дури и нечитливи ама „фенси“. Една од нив, Присила Молина од Лос Анѓелес, дизајнира најмалку 300 потписи месечно, нудејќи пакети кои се состојат од три начини на потпишување и нов сет иницијали. За ова наплаќа помеѓу 10 и 55 долари, под мотото: „Онаму кадешто оригиналноста се спојува со традицијата“.
Нејзините клиенти вклучуваат професионалци и славни личности кои бараат нови начини за потпишување, иако таа е дискретна во однос на нивните идентитети. Она што е заедничко за повеќето од нив е дека тие се едноставно уморни од начините на кои си ги пишуваат имињата или не се задоволни од пораката што ја испраќа нивниот ракопис.
Ваквите „потписничари“ нудат темплејти и стенсили, охрабрувајќи ги клиентите самите да го вежбаат дизајнот, за да можат да го користат не само дигитално туку и физички. За „бог“ на потписот во САД се смета Џон Хенкок, некогашен претседател на Конгресот, чиј огромен и впечатлив потпис ја краси Декларацијата на независност од 1776.
Сепак, експертите предупредуваат дека клиентите кои бараат едноставен стил на потпишување или се ограничуваат на иницијалите можат лесно да бидат мета на измами. Оттаму, следењето на примерот на Хенкок и не е толку лоша идеја.