Во долгата историја на њујоршкиот хотел на 222 W. 23rd Street (изграден е 1884-тата) во него престојувале голем број славни личности, од Томас Вулф, преку Артур Милер, до Енди Ворхол. Поголемиот број од нив не биле гости за неколку ноќи туку редовни жители на хотелот, кој им служел како засолниште во време на криза или како бегство од медиумите. Легендарниот менаџер на хотелот, Стенли Бард, имал голема мака со сите чурук табиети на славните личности кои му ги запоседнувале собите, а не ретко ги демолирале. Па сепак, хотелот ја стекнал славата токму благодарејќи им ним.
Некои од гостите биле подискретни од другите - Боб Дилан изнајмил соба блиску до жената која наскоро после тоа тајно ќе ја венча - Сара Лоундес, и иако бил прилично славен во таа 1965-та година, успевал да се провлече низ карневалската атмосфера која владеела низ ходниците без да го препознаат. Легендата вели дека една ноќ лежел во несвест на подот додека неговите другарчиња, меѓу кои Брајан Џонс и Мик Џегер, продолжувале со забавата.
Еди Сеџвик, ѕвездата која ја создаде Ворхол преку неговите кратки филмови, од кој еден се вика токму „Девојките од Челси" и е сниман во хотелот, исто така престојувала тука, и во еден момент, наводно несреќно заљубена во Дилан и под дејство на наркотици, ја запалила собата. Портирот морал да ја изнесе од хотелот покриена само во крпа, додека сите други гости се евакуирале.
Во 1962 тука живеел Артур Милер, по неговиот развод со Мерлин Монро. Во една од собите ја напишал „По падот", драмата за неговиот брак со Монро, која не доживеала добри критики. Артур Кларк пак во исто време работел на сценариото за „2001: Одисеја во вселената" на Кјубрик, во соба на последниот кат. Двајцата Артуровци понекогаш оделе на појадок заедно во Аутомат, ресторан во близина на хотелот.
Веројатно една од најпознатите приказни за хотелот е содржана во „Челси хотел", песната на Леонард Коен. Анегдотата вели дека тој живеел во хотелот кога во лифтот ја сретнал Џенис Џоплин. Препознавајќи ја, ја прашал: „Бараш некого?". „Да", рекла таа, „Крис Кристоферсон". „Епа имаш среќа", рекол Коен, „затоа што тоа сум јас". Ноќта ја минале заедно.
Ди Ди Рамон се симнувал од хероин во Челси и подоцна го напишал романот „Челси хорор хотел". но секако најпознатите панкери во Челси биле Ненси и Сид од Секс Пистолс. Во тоа време првиот кат бил познат како „џанки спрат". На 12 октомври 1978 портирот по анонимен повик влегол во собата број 100 и ја нашол Ненси облеана во крв со рана од нож во стомакот. Сид бил обвинет за убиство, но умрел од прекумерна доза четири месеци подоцна. Прашањето кој ја уби Ненси до денес не е разјаснето.
Овој настан се покажал како катастрофален за хотелот, но музичари како Руфус Венрајт, Маријан Фејтфул и Мадона продолжиле да доаѓаат. На Итан Хок и на неговите деца им бил даден бесплатен апартман во тек на еден месец откако тој се развел со Ума Турман - Стенли Бард му го овозможил тоа на Итан под услов да се потруди да ја врати Ума.
Хок подоцна го режираше филмот „Ѕидовите на Челси" кој раскажува за еден ден во хотелот. Вo него се појавуваат 35 ликови.
Извор: NYDailyNews