Низ историјата начинот на носење и декорирање на косата било (и уште е) поврзано со културолошки значења. Нова изложба во Музејот на модерна уметност Хајд во Мелбурн, Австралија, ја истражува косата низ уметноста, и како низ неа биле покренувани или критикувани идеи поврзани со родот, статусот, моќта и митологијата.
Насловот на новата поставка е „Парчиња коса“ (Hair Pieces, може да се преведе и како „Дела од коса“), во која учествуваат 38 уметници од осум земји. Посетителите можат да видат слики, скулптури, фотографии, видеа, инсталации и перформанси во живо.
Кураторката на изложбата, Мелиса Кис, почнала да размислува за изложбата пред 10 години, кога некои од нејзините пријатели воделе галерија во простор кој претходно бил фризерски салон. Тогаш и паднало на памет дека голем број уметници всушност работат со коса или на дела поврзани со нејзината симболика, на сериозен, но и на хумористичен начин.
Така, сега помеѓу изложените дела има конзерва печурки полна со руси прамени, црвени чевли направени од перики или фотографија на коњско репче (односно коњска опашка) кое излегува од задникот на авторката. Вклучена е и збирка под наслов „Најдени чешли“, која започнала да се формира во 2007, и се состои од чешли најдени на улица. Некои од нив се сосема нови, но на други им фалат запци или се уште има коса на нив.
Веројатно најпознатиот уметник во поставката е Марина Абрамовиќ, „Врска во времето“ (1977) е видео од неа и партнерот Улај како седат свртени грб со грб, со нивните долги коси сплетени во една пунџа.
Hair Pieces ќе биде отворена до 6 октомври 2024.