
Раните луѓе почнале да го користат јазикот за комуникација пред повеќе од 100.000 години, открива ново истражување на геномски податоци. Глобално, постојат околу 7000 идентификувани јазици, а истражувачите велат дека сите тие имаат едно заедничко потекло од времето кога раните човечки групи почнале да се шират низ светот.
Нашите предци развиле когнитивна способност за употреба на јазик, комбинирање речник и граматика во систем на изразување во текот на милионите години еволуција. Но капацитетот за говорење најпрвин се развил пред најмалку 135.000 години, повеќе од 100.000 години откако нашиот вид се појавил во Африка.
Новата студија, објавена во списанието Frontiers in Psychology, зема предвид десетина генетски студии објавени во изминатите 18 години за да укаже на првично разгранување на луѓето од една единствена регионална група. Откако таа почнала географски да се двои, секоја потпопулација развила генетски варијации. Но она што е важно од аспект на говорот е тоа што сите последователни поделби воделе кон популации со целосно развиен јазичен капацитет.
Оттаму, истражувачите претпоставуваат дека јазикот како комуникациска алатка бил присутен пред најмалку 135.000 години, односно пред првата поделба. Доколку говорот се појавил подоцна, тогаш некои модерни човечки популации би се служеле со некој друг, фундаментално различен вид комуникација, што не е случај.