ЦИА, по повод 75 години од своето постоење, неодамна почна да емитува подкаст, а во текот на изминатиот викенд на мал број новинари им дозволи да влезат во реновираниот и во голема мера проширен музеј во седиштето во Ленгли.
Веројатно најнеобичното во поставката е плафонот, покриен со различни бели и црни шпионски кодови. Има дел напишан со Морзеов код, друг со домино, па со бројки, и нешто што изгледа како крстозбор пополнет со букви од различни јазици.
ЦИА никогаш претходно го немаше отворено музејот за јавноста, а и ова не значи дека тој од сега ќе биде физички достапен за секој што сака да го посети. Целната група се вработени во Агенцијата и официјални посетители. Но целата поставка ќе биде поставена онлајн, заедно со шпионските кодови. Музејот практично ќе организира некој вид натпревар, за да се види колку брзо тие можат да бидат пробиени.
Поставката вклучува некои од најпознатите операции на ЦИА од основањето во 1947, па до најновите изведени пред помалку од два месеца. Меѓу другото таа содржи макета од последното засолниште на Осама бин Ладен во Пакистан, каде беше убиен во 2011. Но има и артефакти од акции кои не и се познати на пошироката јавност.
Една таква приказна е поврзана со животот на Олег Пенковски, поручник во советското разузнавање. Тој ги обезбедувал САД со значајни информации кои му овозможиле на претседателот Кенеди да се соочи со Советите околу нивните тајни планови да постават балистички ракети на Куба во 1962. И обратно, посебна изложба се однесува на вработен во ЦИА, Олдрих Емс, кој издавал тајни на Москва за милиони во кеш се додека не го уапсиле во околината на Вашингтон во 1994. Во моментов тој служи доживотна казна затвор.
Изложбата содржи и неуспеси на ЦИА, како Заливот на свињите, катастрофалниот обид од 1961 да се свргне кубанскиот лидер Кастро. Тој во музејот е претставен со мала статуа направена од кокосови ореви и е познат како „Коконат Кастро“. Легендата вели дека неименуваниот сопственик, најверојатно поранешен агент на ЦИА - ја вртел статуата со грб кон телевизорот за време на маратонските говори на лидерот со надеж дека тие ќе завршат побргу.
Во претходните неколку години се забележува поголемо отворање на Агенцијата кон јавноста, како и на поголем број нејзини високи службеници кои почесто се појавуваат на телевизија и се активни на социјалните мрежи. Поранешен заменик директор, Мајкл Морел, веќе има свој подкаст под наслов „Интелигенцијата (разузнавањето) е важна“.