Брајан Ино има предвидено дека нашите внуци-правнуци ќе се чудат како тоа постојано сме слушале една песна на ист начин и дека во таа замислена иднина ќе постои нешто наречено „генеративна музика“, автоматски произведувана од дигитални системи кои следат правила и преференци поставени од корисникот. Ваквиот тип музика ќе ги има квалитетите на живата изведба, бидејќи секогаш ќе биде различна, но истовремено ќе биде како снимената, затоа што нема да биде ограничена со време и место.
Ова Ино го има напишано пред речиси 30 години, во својата книга „Година со отечени слепи црева“. Денес, тој има внуче, чиј ракопис се појавува во музичко видео од неговиот најнов соло албум. Ова не е дело на генеративна музика, но истиот принцип сега е применет врз биографски документарец за него како уметник, музички продуцент и „соничен пејзажист“.
Филмот со едноставен наслов „Ино“ е режиран од Гери Хасвит, а е опишан како „нешто што не личи на кој и да е друг портрет на музичар“. Всушност и не е портрет, бидејќи не е фиксиран или статичен. Наместо тоа, Хасвит користи софтвер кој ги препознава должината, структурата и содржината на филмот. Ова е во согласност со професионалната филозофија на музичарот и неговата антипатија кон конвенционалната документаристичка форма. „Нашите животи се приказни кои ги пишуваме, бришеме и повторно пишуваме, нема еден единствен наратив“, изјавил тој.
Постојат 52 трилиони различни наративи кои би произлегле од можните пермутации на „Ино“. Процесот на полнење на базата подразбирал постојано внесување материјали и „хранење“ на софтверот со нив, а со тој методи и ќе се продолжи. Така, за една година од сега всушност и не може да се претпостави како ќе изгледаат другите варијанти.
Хасвит објаснува дека овој вид генеративен филм не е создаден од вештачка интелигенција. Станува збор само за различно комбинирање на 30 часа интервјуа и 500 часови на конвенционално снимен филм. Потоа, софтверот чие име е акроним - Brain One, ја завршува останатата работа. Самиот режисер се опишува како градинар, кој засадил добро избрани семиња, но потоа и самиот тој станува дел од публиката, уживајќи во градината со сите останати.
Повеќе за филмот и датумите на неговото објавување на стриминг платформите тука