Нов документарец му се помоча на Амазон

„Големата местенка на Амазон“ на младиот автор и провокатор Уба Батлер на креативен начин ја разоткрива експлоататорската политика на најголемиот онлајн трговец на светот, поради која вработените возачи мораат да уринираат во шише. Ако мислевте да појадувате симит-погача со газоза, одложете малку.

Британецот Уба Батлер стана популарен во 2017, кога „отвори“ ресторан, The Shed at Dulwich кој дојде до првото место на Трипадвајзор. Луѓе се тепаа за резервација, устите на критичарите беа полни со пофалби, хипстери се фалеа дека тука јаделе прекрасни оброци. Во сето ова имаше само еден мал детал - што The Shed at Dulwich никогаш не постоеше. Батлер го измислил сакајќи да докаже колку можат да бидат лажни и извикани работите кога се онлајн.

Стилот на Батлер многумина го одобруваат бидејќи тој сака да им прави местенки на институции или алгоритми а не на поединци, што значи дека од сето ова нема некои жртви а сепак има поука. Истовремено, тоа значи дека местенките може да ги прави и на телевизија. 

Неговиот нов проект е токму таков, телевизиски, и е под наслов „Големата местенка на Амазон“. Е-трговецот е познат по тоа што одбегнува плаќање даноци и е постојано обвинуван за експлоатирање работници. Батлер дознава дека особено се погодени возачите на камионите на оваа компанија, кои не можат да си дозволат да застанат на пат и да барат тоалет, бидејќи тоа им влијае врз „перформансот“. Затоа или се стискаат па имаат различни заболувања на бешика или просто мочаат - во шише.

И не само тоа, ако возачот се врати во базата и му најдат шише со урина во кабина, му се пишуваат негативни поени. 10 негативни поени месечно и има кратење од плата. Затоа, возачите ако не најдат соодветно место, просто ги фрлаат шишињата пред да ја преминат портата. Батлер поминува доста време во документарецот собирајќи вакви шишиња во околината на магацините на Амазон, додека не дојде на идеја за нов производ инспириран од целата работа.

Со другар дизајнираат фенси шише енергетски пијалок, го нарекуваат „Рилис“ (Олеснување) и го ставаат на продажба на - Амазон. Откако ангажира пријатели да оставаат позитивни критики, пијалокот се качува на топ листата на „битер лемон“ и наскоро избива на прво место. 

Бидејќи работниците главно не се расположени за интервјуа, Батлер се маскира и влегува во магацините, со скриена камера. И самиот работи таму во тек на три дена и сфаќа дека постојаното примање стотици нови работници е еден од начините да се разбие синдикалното здружување, кое потешко функционира ако ги отпушташ поискусните и примаш нови и уплашени. 

Истовремено, се разоткрива недостатокот на контрола врз тоа кој и што купува онлајн. Малите внуки на Батлер успеваат да купат ножеви и отров за глувци кои им се донесени без никаква проверка на возраста. 

Секако, Амазон реагира на документарецот кој се емитуваше на британскиот Канал 4, дека тој прикажува „крајно искривоколчена слика“ на процесите и операциите на компанијата. Ние сепак би пазеле на тоа газозите купени онлајн.

 

20 октомври 2023 - 09:42