„Ноќните птици“ да ти биле поинтелигентни од оние што стануваат рано

Нешто не ни штима во наодиве, бидејќи во последно време легнуваме со кокошките. Ама па наука си е наука. 

Идејата дека луѓето што остануваат будни до доцна во ноќта потоа се мачат да сработат нешто во текот на денот изгледа ќе треба да биде ревидирана. 

Истражувачи од Империјалниот колеџ во Лондон проучувале податоци добиени од 26.000 луѓе кои правеле тестови за интелигенција, расудување, време на реакција и меморија. Потоа испитувале како должината на нивниот сон, неговиот квалитет и хронотипот (кој одредува во кој дел од денот тие се најконцентрирани и продуктивни) влијае врз работата на нивниот мозок.

Резултатот е дека оние останувале до доцна и оние кои биле одредени како „средни“ (ни легнуваат многу доцна, ни стануваат многу рано) имале супериорна когнитивна функција, додека оние ранобудните имале најниски перформаси.

Легнувањето доцна е асоцирано со креативни типови, уметници, писатели и музичари. Меѓу најпознатите ноќни птици се Анри де Тулуз-Лотрек, Џејмс Џојс, Лејди Гага. Но легнувањето доцна и спиењето кратко се две различни работи. Додека политичари како Тачер, Черчил и Обама се фалеле дека не мораат долго да спијат, истражувањето вели дека должината на сонот (без оглед кога ќе се легне) е значајна за мозочната функција, и тоа со оптимум помеѓу седум и девет часа. 

Критичари на студијата посочиле на „значајни ограничувања“ на резултатите, бидејќи истражувањето не го зело предвид образованието на испитаниците, и не вклучило време од денот кога биле направени когнитивните тестови. Сепак, главната вредност на студијата е поттикнувањето на дискусијата околу важноста на сонот за функционирањето на мозокот. 

извор

11 јули 2024 - 10:08