Стариот новинарски лисец Том Вулф (за кого претходно пишувавме во контекст на „Новото новинарство“ тука) знае да си создаде непријатели помеѓу културните икони, што понекогаш се толкува и како негова намерна стратегија. Се има закарано со цела модерна американска уметност, а во областа на книжевноста особено со Норман Мејлер, Џон Апдајк и Џон Ирвинг, кои ги има наречено „Трите будалетинки“ (The three stooges). На 85 години тој издаде нова книга, „Кралство на говорот“, кој е оценет како негов најхрабар дуел до сега. Негови душмани овој пат - Дарвин и Ноам Чомски (или како што го нарекува Вулф - Ноам Харизмата). Првиот затоа што заради високата позиција во британското општество му се можело да промовира крадени идеи од луѓе на пониското социјално скалило (се мисли на Алфред Расел Валас), а вториот заради тоа што ја уназадил лингвистиката занимавајќи се со неа канцелариски, со ниту еден ден теренска работа.
Втората книга е „Декодирање на Чомски: наука и револуционерна политика“ од Крис Најт, која го истражува „проблемот Чомски“ - парадоксот на мислител кој припаѓа на професионална и научна елита, иако промовира во основа популистички политички идеи.
Чомски во интервју за Њујорк Тајмс одговара на ваквите тврдења. За оние на Вулф вели дека се „толку неинформирани и искривоколчени што едвај заслужуваат смеа“. Што се однесува до обвинувањата дека неговата теорија за јазикот е всушност резултат на истражувања спонзорирани од Пентагон во текот на Студената војна, Универзитетот кадешто работел Чомски, MIT,во тој период бил целосно финансиран од војската, па дури и неговата катедра за музика. Тоа не значи дека сите професори и студенти вршеле некаква воена задача.
Запрашан за мислење за епитетот „академскиот Елвис“ кој му го има ставено Боно од У2, како и за тоа што мисли за производите како маици, шољи за кафе, па дури и ознаки за багаж со неговиот лик, Чомски вели дека сето тоа му е многу чудно, но дека тоа сепак значи дека неговите активистички ангажмани и професионална работа на некој начин се препознаени од голем број луѓе, кои бараат нешто такво, но не го наоѓаат на друго место. Тој самиот поседува „гном Чомски“, фигура на џуџе со негов лик која му стои во двор. А што се однесува до неговата енергија на стари години, неа ја објаснува со „теоријата на велосипедот“ - сè додека продолжуваш да возиш, не паѓаш.