Жално

„Незнаењето победи“: згаснато Здружението за заштита на апострофот

Пред два дена светот се разбуди со една вознемирувачка вест - Џон Ричардс, еден од најагилните бранители на коректната употреба на апострофот во англискиот јазик, кренал раце од својот животен проект. Причината: се разочарал што никој не го слуша.

„Има две причини зошто го згаснувам здружението. Едната е што имам 96 години, и се обидувам да намалам со обврските. Втората е тоа што сè помалку организации и поединци се секираат за точната употреба на апострофот во англискиот јазик. Ние, како и голем број поддржувачи низ светот, направивме што беше до нас, но незнаењето и мрзливоста присутни во модерните времиња победија!“

Вака стоички но сепак меланхолично ја заврши својата кариера Џон Ричардс, претседател на британското здружение за заштита на апострофот, кое го формирал пред 18 години. Од моментот кога медиумите ја пренесоа неговата објава, сајтот на здружението паднал, бидејќи посетите на него се зголемиле за 600 пати (веројатно претходно имало 6).

Апострофите во англискиот на пишуваниот јазик му овозможуваат дополнително ниво на разбирливост и нијансираност. Токму затоа, кога Ричардс бил помлад дечко (75-годишен пензиониран лектор и новинар), ја посветил својата енергија на корегирање (по лекторска интервенција на читателка) корИгирање на правописот најпрвин со испраќање љубезни писма со корекции до рестораните и продавниците во своето маало, за потоа да почне да ги опоменува и државните институции.

Во 2013, кога регионалниот совет на Девон одлучил да ги забрани апострофите од сите улични знаци за тие да не им прават проблем на Џи-пи-ес уредите, на Ричардс му побелеле косите. Не знаеме дали ја добил оваа битка, но поважно е што сега се чувствува дека ја загубил онаа големата - да направи на луѓето да им е гајле за начинот на кој зборуваат и пишуваат. Нешто како кога кај нас некој би формирал здружение за коректна употреба на „не знам“ на социјалните мрежи, и би затворил по 18 години борба со „незнам“.

Ама камо да беше само до социјалните мрежи. МАНУ неодамна излезе со Повелба за заштита на македонскиот јазик, во која курзивното кирилично „т“ е таканаречено „бугарско“, или свртено обратно, без цртка горе.

Што би рекол спомнатиот Ричардс, „Еве, незнам.“

4 декември 2019 - 08:56