Често се случува од мирно седење да чепнеме во тема за која на почетокот не сме ни свесни каде ќе нè однесе. Така, во случајов мислевме дека ќе одиме на север, а испадна дека стигнавме на крајниот југ.
Станува збор за етимологијата на англиското „north", кое како именка е дефинирана на следниов начин: „еден од четирите главни правци на компасот, насочен кон Северниот пол и нагоре на мапата“, „нагорна или позитивна насока“ (како кога акциите на берзата одат на `север`), или „над и повисоко“ (во смисла, на пример, на вредност која треба да биде `северна` - повисока во однос на друга).
Што се однесува до коренот на зборот, речниците велат дека тој е од старо-англиското norð, слично со протогерманското nurtha или холандското noord. Сите тие пак се поврзуваат со старогрчкото неретос, кое означува - долу или лево! Во иста смисла е и прото-индоевропскиот корен нер- или нар-, долу или лево, како она содржано во санскритското нарака - пекол.
За ова „лево“ и некако ни е јасно, со оглед на тоа што север е лево кога човек е свртен кон изгрејсонцето. Но како може „север“ да е долу?
Попотковани од нас за класични јазици го сугерираат следново: „долу“ е онаму каде што нема сонце, тоа е местото каде што тоа оди кога заоѓа (а оди „под земјата“, визуелно надолу). За јужњаците тоа се истовремено и оние земји (на север) кои кубурат со сонце. Сè што е под земјата, или што е лишено од сонце, е архетипски мрачно, лошо, неубаво. Значи - северот е токму таков, и оттаму и неговата блискост со „лево“, кое во голем број култури е страната на нечистото и демонското.
Значи, при толку благодети на нашето сонце, и при толку т`га за југ од страна на оние кои отишле на север, си се направивме мрачни и осојничави. При географски „горе“, етимолошки се сместивме „долу“, под земјата. Добро што сонцето уште (колку-толку) изгрева.
Претходно за уште една јазична збунка: „Напред беше поарно“