
Кога научникот и изумител, проф. Арчибалд Монтгоменри Лоу, пред еден век предвидел „ден во животот на човекот од иднината“, неговите пророштва биле отфрлени како „немилосрдно имагинативни“.
Како што известува весникот Лондон дејли њуз од 1925, тие вклучувале „такви ужаси“, како будење од алармен часовник; комуникација преку „личен радио приемник“; појадок со слушање вести преку телевизор на кој ќе можат да се гледаат програми по сопствен избор; и пазарење со движење по подвижни ескалатори и тротоари.
Сто години по објавувањето на неговата книга „Иднината“, некои од предвидувањата се остварени со неверојатна прецизност. Други, како она дека сите ќе одиме облечени во синтетички едноделни облеки (за жал или за среќа) не баш.
Истражувачите од сајтот Фајндмајпаст ги извлекле предвидувањата на Лоу од јавно достапни архиви на стари весници и ги вклучиле во својата збирка на такви предвидувања направени од различни луѓе пред еден век. Освен спомнатите, кои Лоу ептен ги погодил, други остануваат да бидат применети, можеби во следните сто години.
Таква е визијата дека улиците би биле осветлени со употреба на биолуминисцентни растенија или, уште порадикално, дека ќе биде можна електрична комуникација ум со ум (не е прецизирано дали мислел само на човечкиот). Она дека луѓето ќе се будат со аларми му е точно, но згрешил кога предвидел дека тој главно би се активирал во 9.30 (што веројатно значи дека би се работело помалку). По станувањето луѓето би уживале во „неколку мигови масажа или друг вид третман за да бидат во добра форма во текот на денот“ - што е можеби асоцијација на денешните фитнес трендови.
Ако нешто може да му се замери на Лоу, кој починал на 68 години во 1956, е што тврдел дека на жените ќе им требаат векови да ја постигнат машката интелигенција, а дека тоа ќе се случи дури откако тие и физички ќе почнат да личат на мажите. Спомнатиот весник вака го коментира овој негов став. „Една докторка од Минхен тукушто изјави дека жените кои ја кратат својата коса во боб фризура со време ќе почнат да пуштаат и брада. Таа и професор Лоу би требало да се сретнат“.