Во февруари 1931 бил потпишан договор помеѓу Велика Британија, царството Јапонија, Франција, Италија и САД. Станувало збор за договор за ограничување и намалување на поморското вооружување, кое требало да го стори точно тоа - да ги потсмири земјите кои го потпишале, затоа што тие воделе трка за вооружување уште од времето на Првата светска војна.
Јапонија се придржувала на правилата на договорот, но одделни ултра-националистички членови на јапонската морнарица не биле задоволни. Тие сметале дека договорот ја ослабува демократијата и воената моќ на Јапонија, и планирале да извршат атентат врз јапонскиот премиер Инукаи Цујоши. Практично, да изведат државен удар, после кој заверениците би можеле да ја заменат владата со воена управа.
Оваа група била потпомогната од цивили - членови на националистичката партија „Крвава лига“. Тие планирале да влезат во резиденцијата на премиерот и да го убијат, и него, и неговиот 21-годишен син. За бељата, токму во тоа време, Чарли Чаплин бил на посета на Јапонија, а премиерот одлучил да организира прием за него во својот дом. „Уште подобро“, си рекле националистите, кои во ова виделе можност да го убијат и Чаплин, да го привлечат светското внимание и, според нивна замисла, да отпочнат војна помеѓу Јапонија и САД.
На 15 мај 1932, конспираторите извршиле сè според планот - влегле кај премиерот дома и го убиле со огнено оружје. Но приемот за Чаплин бил одложен во последен момент, затоа што синот на премиерот го однел да гледа сумо натпревар. Така, Чаплин не само што се спасил себеси, туку и него. Друга група заговорници истовремено фрлиле рачни гранати на неколку згради во Токио, меѓу кои седиштето на банката Мицубиши.
Подоцна 11-те поморски офицери, извршители на делото (на сликата горе, на судењето), биле фатени и изведени пред воен суд, но сепак добиле мали казни, бидејќи кај судот пристигнала петиција за нивно пуштање. На него имало 350.000 потписи, сите испишани со крв. И не само тоа - судијата добил и пакет од деветмина млади од Нигата, помал град во Јапонија, со девет исечени прсти (?!), како гест на нивната искрена поддршка на убијците, за кои сметале дека се вистински патриоти. Се смета дека овој настан, познат како „инцидентот од 15 мај“, го засилил и онака постоечкиот јапонски милитаризам и го ослабел владеењето на законите и правото.
Последните зборови на премиерот наводно биле: „Ако ме оставите да зборувам, ќе разберете“, на што неговите убијци одговориле - „Дијалогот е бескорисен“.