Необичните триаголни писма испраќани во Втората светска војна

Денес самиот чин на рачно пишување писма делува необично, а уште повеќе нивното превиткување во форма на триаголник, со што самите се претворале во коверт. Токму на овој начин се допишувале руските војници за време на Втората светска војна со семејствата дома. 

На војниците на Источниот фронт во текот на Втората светска војна не им била потребна поштенска марка за да испратат абер до дома - писмата биле носени до врата, бесплатно. Но затоа пак имало недостаток на разгледници, картички и коверти. Војниците сепак бргу нашле решение, од самиот испишан лист да направат плико. 

За едно такво писмо било доволно да се искине лист од тетратка, да се жртвува хартија за цигара, да се искористи широка маргина од весник и да се има малку раат за нешто да се напише или нацрта, па да се превитка доволно прецизно за да формира триаголно „пакетче“.

На овој начин им се олеснувала работата и на цензорите, кои не морале да одлепуваат и пак да лепат коверти. Цензурираните места понекогаш се наѕирале, бидејќи биле покривани со црно мастило. 

Вакви писма денес постојат во семејни архиви, музејски збирки. Една од нив ги содржи писмата на извесен Јаков Лазирович Ашуров од Азарбеџан. Роден во Баку во 1924, тој се приклучил на војската на 17 години, а бил убиен во Сталинград во 1942 (значи на 18 години). Неговите писма до родителите се на јазикот jухури или жугури (јудео-тат), близок до персискиот и курдскиот, на кој зборувале Евреите од источен и северен Кавказ, каков што бил и самиот Јаков.  

На 9 мај 2010, на 65-годишнината од победата над фашизмот, руската држава им поделила на преживеаните ветерани повеќе триаголни писма отпечатени за оваа прилика, кои можеле да се испратат без марка насекаде низ Русија. 

извор
 

24 септември 2024 - 20:20